Ковачевски: М-НАВ станала семејна фирма, треба посериозно да се позанимаваме со неа

Премиерот ја знае само професионалната биографија на предлогот за нов директор и дека работел во М-НАВ веќе 25 години како контролор на летање


Фото: Б. Грданоски

 

Премиерот Димитар Ковачевски изјави денес дека М-НАВ е станата како семејна фирма и дека Еуроконтрол и домашните институции треба посериозно да се позанимаваат со неа. Според него, таму од исти семејства има вработувања до трето колено, а како пример го наведе вработувањето на претседателот на Синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски, неговиот татко и брат. 

„Со таа институција треба посериозно да се позанимава не само Владата туку и Еуроконтрол. Нивното финансирање е од таму. Има неколку аспекти кои треба да се анализираат. Таа фирма сметам дека е станата семејна фирма. Има до трето колено вработувања од исто семејство. Претседател на синдикат, татко му работел таму, брат му работи таму. Тие функционираат како семејство. Сметам дека треба да се испита и, како што вели и ЕУ, начинот на којшто ги прават конкурсите, начинот и критериуми на селекција на кандидатите зада не се случи некој кандидат да добива готови тестови бидејќи премногу „случајности“ има во таа организација, кои имплицираат дека можеби тие случајности и не се толку случајни“, рече Ковачевски.
 
Тој кажа дека  како Влада го повикале Трудовиот инспекторат да влезе во М-НАВ и да изврши проверка на функционирањето на синдикатите бидејќи ги имало повече. Но, тој не сметаше дека тоа е политички притисок врз Синдикатот на контролорите на летање, бидејќи законски е предвиден надзор во оваа институција.
 
„Ќе има инспекциски надзори на синдикатите од Трудовиот инспекторат. Ова не е притисок врз синдикатите, бидејќи законска можност е да се врши надзор врз синдикатите, дали излегуваат од своите надлежности. Тоа е законска одредба која не значи притисок“, додава Ковачевски.

Иако го нагласи непотизмот во М-НАВ премиерот рече дека не знае дали новиот директор Хекуран Асани е навистина внук на Али Ахмети.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој посочи дека ја знае само неговата професионална биографија и дека работел во М-НАВ веќе 25 години како контролор на летање. 

Тој наедно ги отфрли оценките на новинар дека именувањето на еден, а по половина час на друг кандидат за директор на М-НАВ било комично нагласувајќи дека во Владата нема ни еден контролор на летање за да знаат што точно пишува во изменетиот статут на М-НАВ. Според него, отпосле станало јасно дека Илир Мехмеди треба да има искуство со контролата на летање, иако има 24 годишно искуство во воздухопловството и Ковачевски го оцени како добар кандидат. 

„Јас гледав многу информации кои одеа во медиумите. Имаше повеќе кандидати кои беа предложени и разгледувани од страна на Владата. И врз основа на тоа двајца кандидати беа издвоени. Меѓутоа се виде дека според статутот мора да биде контролор на летање. Од сите негови кандидати, кандидатот кој е избран, тој е оценет како квалитетен. Донесена е добра одлука“, додаде Ковачевски.

Надзорниот одбор во националниот давател за воздухопловни услуги М-НАВ се очекува да го официјализира разрешувањето на претседателот на УО Фахрудин Хамиди и секторскиот изврешен директор Љубе Стаменковски и на нивно место да ги именува Хекуран Асани и Милан Кораќ, по насоките што ги доби вчера од Владата, а по упадот во институцијата од 4-ти овој месец.

Одлуките на Владата го стопираа штрајкот што го најави за денеска Струковиот синдикат на контроори на летање, кој ја стави во мирување одлуката со која требаше да се затвори воздушниот простор. Основниот кривичен суд Скопје, пак, од денеска треба да одлучува за жалбата на Јавното обвинителство во однос на одлуката да не го прифати барањето за притвор за четворицата осомничени во врска со упадот во М-НАВ. 

(Н.В.)