Ковачевски го повика ВМРО-ДПМНЕ да учествува во работната група за изборите


Димитар Ковачевски (Фото: Б. Грданоски)

 

Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски од Дојран потврди дека во текот на вчершаниот ден имал средби со претседателите на четири политички партии, кои се дел од владината коалиција, меѓу кои и со Али Ахмети лидерот на ДУИ, а темата им била датумот за изборите во 2024 година. 

„На тие средби разговаравме за сите актуелни прашања во државата, вклучително и за изборите, нормално. Она што можам да кажам во врска со подготовката на изборите, во делот на изборниот законик. Во Министерството за правда веќе постои работна група, каде сите политички партии имаат делегирано свои претставници. Единствено ВМРО-ДПМНЕ нема делигирано свој претставник. Јас ги поттикнувам да делегираат свој претставник, бидејќи не може една или две партии да одлучуваат во процес во којшто учесствуваа 30 и повеќе политички партии“, вели Ковачевски.

Ковачевски потенцираше дека работната група треба во законот финално да ги усогласи препораките на ОБСЕ и ОДИХР и каде што може да се разговара и за точниот датум за одржување на изборите во 2024 година.

„Изборите се распишуваат согласно Закон и согласно Устав и согласно мандатот на избраните функционери, тука пред сѐ мислам на претседателот на државата и на пратениците и нормално во рамките на законските рокови може да се разговара за финеси, во однос на тајмингот. Сѐ друго е одржување средби коишто се вон формат, каде што сите треба да го дадат својот збор и своето мислење, мислам дека е вонинституционално“, рече Ковачевски.

Тој рече дека низ разговори се решава прашањето околу датумот за претседателските и парламентарни избори во 2024 година, а не како што било во минатотот претседател на Влада од аеродром да го кажува датумот на изборите.