Ковачевски го одби францускиот предлог, постави пет дополнителни услови

Рама порача дека Владимир Путин можеби е болен, но и ова место (ЕУ) не изгледа многу здраво кога земја членка на ЕУ, а пред се на НАТО дестабилизира друга земја членка на НАТО, а ЕУ е целосно импотентна 


 

Премиерот Димитар Ковачевски му се заблагодари на францускиот преттседател Емануел Макрон за ангажманот да се најде решение за спорот со Бугарија, но го одби неговиот предлог за започнување на преговорите ако не се уважат пет македонски услови, кажани и пред да замине во Брисел. 

„Предлогот во оваа форма е неприфатлив за мене, претседателот, владата, коалициските партнери и за граѓаните на Република Северна Македонија. Доколку во текот на француското претседателство се постигне разбирање за нашите позиции, ние сме подготвени да се вклучиме во разговори за нив за да се започнат преговори до краjот на јуни“, кажа Ковачевски на заедничката прес-конференција со Александар Вучиќ и Еди Рама по денешниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел.

Ковачевски побара чиста формулација за македонскиот јазик, гаранции за идентитетот, историските перашања да не се услов во преговарачката рамка, преговорите со ЕУ да почнат пред да влезат Бугарите во Уставот и да ни се дадат гаранции и од ЕУ и од Бугарија дека нема да има натаму нови условувања. 

„Тука сме, а преговори нема. Губиме драгоцено време, а го немаме на располагање“, порача Ковачевски, додавајќи дека не може веќе Македонија и Албанија да останат во оваа ситуација заради блокадата на една земја која решила да се врати во минатото. Тој наедно потсети дека Македонија е земја која е претпознатлива по решавање на тешки прашања и дека искрено влегла во преговорите со Бугарија очекувајќи да се засноваат на европски вредности.

Тој додаде дека сите 27 членки на ЕУ досега се приклучија со целосна почит за своите и туѓите културни, лингвистички и историски различности и ништо од тоа не било проблематизирано на европскиот пат, а тоа и ние го посакуваме.

„Ништо помалку и ништо повеќе, почит за лингвистичкиот, културниот, етничкиот и историскиот идентитет на мојот народ“, побара Ковачевски, додавајќи дека ние сме подготвени, а сега ЕУ е на потег. Притоа оцени дека угледот на Унијата во регионот сериозно е нарушен.

Албанскиот лидер Еди Рама беше уште поостар порачувајќи дека Владимир Путин можеби е болен, но и ова место (ЕУ) не изгледа многу здраво, бидејќи една земја членка на ЕУ, а пред сѐ на НАТО, дестабилизира друга земја членка на НАТО, а ЕУ е целосно импотентна. 

„Оваа бугарска работа е срамота. Една НАТО земја членка киднапира друга НАТО земја членка. Путин преку земја членка на НАТО дестабилизира  друга членка на НАТО – Македонија“, рече Рама. Тој нагласи дека треба да се биде искрен и да се каже дека проблем не е толку Бугарија, колку општата состојба во Унијата и дека тој мора да бара трет мандат за да продолжи да бара преговори за членство. 

Инаку, пред прес-конференцијата Рама ја повтори шегата од Солун, овојпат на сметка на Бугарија. 

„Поздрав од Источна Македонија“, им се обрати Рама на европските лидери во Брисел. Во Солун пред грчкиот премиер Мицотакис и германскиот канцелар Олаф Шолц ја нарече Македонија, „Западна Бугарија“. Тој дури искажа и разбирање за грижите на Бугарија, но нагласи дека нема разбирање на начинот на кој сака да ги реши. 

„Не сретнав денес лидер на самитот што не се чувствуваше лошо, затоа и ја откажаа прес-конференцијата“, додаде Рама. 

Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека уште еднаш – ништо не се случи, иако луѓето во Македонија и во Албанија заслужуваат да добијат преговори.  Во еден момент Рама го прекина и го праша: 

„А, зошто си ти тука, тебе ти е добро, веќе преговараш“, рече Рама, откако претходно посочи дека датумот за преговори со ЕУ му станал поважен од датумот  на роденденот, бидејќи и тој е во јуни. 

Димитар Ковачевски и Емануел Макрон разговараат пред сесијата за групната фотографија