Ковачевски: Етничката припадност е професија само на Западен Балкан

Министерот за здравство, Фатмир Меџити и премиерот Димитар Ковачевски се согласни дека знаењето и искуството треба да бидат пред етничката припадност при вработување во здравството, но сепак мора да се почитува законот кој предвидува правична застапеност на етничките заедници дури и во здравството.Одговарајќи на новинарско прашање за огласот на Клиниката за гинекологија и акушерство за четворица доктори на специјализација, за кои услов е да бидат Албанци, а на истиот оглас се бараат и еден Турчин и еден Ром, Меџити одговори дека огласот се одобрува од управниот одбор на клиниката, а законот предвидува правична застапеност на етничките заедници.
-Според член 5 од законот за вработени во јавен сектор се предвидуваат вработувања согласно начелото за соодветна и правична застапеност. Во член 20 од истиот закон е предвидена прераспределбата на бројот на планирани вработувања да биде соодветна за одржување на правичната застапеност. Ова е законот, но знаењето и искуството се пред сè, додаде Меџити.
Премиерот Ковачевски се согласи со Меџити и додаде дека огласот мора да биде врз основа на законот.
-Така е законот и мора да се почитува. Сум покажал повеќе пати дека етничката припадност не може да биде професија и тоа е професија единствено на Западен Балкан и никаде на друго место на светот, изјави премиерот.
Според претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска неуставни и незаконски се сите огласи за вработувања во јавната администрација во кои се бара кандидатите да бидат припадници на соодветна националност и рече дека пред Уставот сите се еднакви и нема никаква разлика дали некој е Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Влав, на последната средба со новинарите.
„За огласите на другите институции во кои веќе две децении се нагласува од која националост треба да бидат примените кандидати, не сум ги видела, но ако се такви, огласите се противуставни“, смета претседателката.