Ковачевски договорил непречено снабдување на јаглен и мазут од Грција

Снабдувањето со лигнит и јаглен кој што во текот на изминатите години доаѓа од рудниците во Грција ќе се одвива непречено во текот на целиот период, рече Ковачевски


Димитар Ковачевски во Атина

 

Непречено снабдување со потребните количества на јаглен и на мазут од Грција за нашата земја во наредните два квартали било договорено денеска во Атина на средбата која македонската делегација на чело со премиерот Димитар Ковачевски ја имаше со грчкиот колега Киријакос Мицотакис и со неговиот тим од економските ресори. Како што соопшти Ковачевски на брифинг со новинарите по средбата со Мицотакис, станало збор и за инвестиции во областа на енергетиката, како што е изградбата на интерконекторот за гас кај Евзони, но и за голема инвестиција на грчка компанија во гасна централа којашто ќе се гради во Скопје, како и за проектот „Чебрен“, за кој како прифатлива беше оценета понудата што ја достави грчкиот државен конзорциум ППЦ. Ковачевски средбата со Мицотакис ја оцени како исклучително позитивна и корисна.

Како што посочи, имале неколку конкретни теми за кои што разговарале и за коишто бил постигнат договор со Грција.

„Прво, снабдувањето со лигнит и јаглен којшто во текот на изминатите години доаѓа од рудниците во Грција ќе се одвива непречено во текот на целиот период, четвртиот квартал оваа година и првиот квартал идната година, со што во непречено функционирање ќе можат да бидат ставени производствените капацитети на јаглен во РЕК ‘Битола’ и во РЕК ‘Осломеј’“, рече Ковачевски.

Исто така, било договорено и непречено снабдување со мазут, како и досега, со цел непречено функционирање на ТЕЦ „Неготино“, со што ќе се обезбеди снабдување со електрична енергија и од овој капацитет.

„Важно беше да се договориме, со оглед на тоа што веќе се јавуваат недостатоци на енергенти и на електрична енергија во цела Европа, да обезбедиме непречено снабдување со овие енергенти“, додаде македонскиот премиер, нагласувајќи дека доколку се случи какво било  ограничување на извозот од Грција, договорено е дека такво ограничување нема да биде воведено за Македонија

Втората тема за која што станало збор се големите проекти за енергетска трансформација.

„Прво, во однос на изградбата на гасоводот, односно интерконекторот Евзони, до Неготино, веќе е започната процедура за маркет тест, којашто треба да ја покаже економската исплатливост на оваа инвестиција. Со оглед на тоа дека веќе има понуди за закупување на капацитети во овој гасовод, доколку сѐ тече според планот, би требало изградбата да почне до крајот на годината. Втората најавена инвестиција од страна на грчки инвеститори е големата гасна централа со капацитет до 200 мегавати, којашто тие изразија желба да ја градат во Македонија. Веќе се отпочнати анализи и штом ќе бидат завршени ќе може оваа голема инвестиција да биде претставена во Владата  и во Собранието како стратешка инвестиција која што ќе треба да обезбеди дополнителни количества електрична енергија за Македонија, меѓутоа и за регионот“, рече Ковачевски.

Станува збор за инвестиција на една од најголемите грчки компании „Митилинеос“, која е од огромно значење за грчката економија, и која најави интерес за изградба на когенеративна гасна електрана во Скопје, која ќе произведува и електрична и топлинска енергија.

Ковачевски и Мицотакис разговарале и за проектот „Чебрен“ за кој е отпочната процедурата и по голем број неуспешни обиди конечно има понуда од грчката компанија ППЦ. Ковачевски посочи дека понудата ќе помине евалуација низ нашите комисии и институции и доколку евалуацијата покаже соодветност со очекувањата, до крајот на годината може да се очекува потпишување на договор за голем енергетски капацитет во регионални рамки што би се градел во наредните години.

„Сето ова помина во знакот на исклучително позитивна атмосфера, и во духот на високото ниво на добрососедски односи со Грција. Дополнително, премиерот Мицотакис изрази задоволство што Северна Македонија ги почна преговорите со ЕУ и што веќе сме на пат на полноправно членство кон ЕУ и ги стави на располагање капацитетите на Грција во процесот на евроинтеграциите“, рече Ковачевски, додавајќи дека и двајцата го истакнале задоволството од високото ниво на трговска размена и со подобрените односи во текот на изминатите години.

Од разговорот меѓу македонската и грчката делегација

Одговарајќи на прашања на новинарите Ковачевски рече дека кога станува збор за набавка на енергетнти, веќе имаме отворени постапки, како и дека цените се економски, бидејќи се работи за либерализиран пазар.

„Разговаравме и за подолгорочна соработка со оглед на тоа дека Северна Грција има големи наоѓалишта на јаглен и експертските  тимови на ЕСМ и на соодветните тимови на Грција ќе треба да направат анализа во однос на подолгорочно снабдување, што би значело зголемено производство на лигнит во Грција и испорака во Македонија. Нема да има пречки во текот на целиот нареден период за испорака на потребните енергенти за нашата држава“, рече Ковачевски.

Во однос на процесот на договарање со Бугарија за снабдување со електрична енергија премиерот рече дека се формирани работни групи коишто ќе треба во рамки на законодавствата на Бугарија, на Македонија и на ЕУ да ја испитаат можноста за снабдување со базична енергија за Македонија, пред сѐ за индустријата.

„Работната група веќе почна со работа на крајот на минатата недела и штом ќе имаме резултати за тоа дали е можно тоа да се направи ќе известиме“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека е разговарано и за искористувањето на сите капацитети, така што и во тој дел нема да има проблем со оглед на тоа што се работи координирано, сите компании во електропреносната мрежа и во Бугарија и во Грција и во Македонија со цел најрационално да бидат искористени капацитетите.

„Во однос на прекуграничната соработка на транспорт на енергенти разговаравме и за ЛНГ терминалот во Александропулис при што ги реафирмиравме нашите одлуки за сопственичко учество во Александропулис, како и за количините кои што се веќе закупени. Со оглед дека има најава од грчки инвеститор за изградба на нова гасна централа во Скопје, тоа би значело дека низ тој гасовод би оделе и поголеми количини на гас отколку што е тоа во моментов“, рече Ковачевски.

Тој посочи дека инвестицијата во Александрополис ја води проектен тим од компании коишто учествуваат таму, дел од нив се компании во државна сопственост, а дел се приватни коишто се инвеститори. Согласно плановите, изградбата на ЛНГ терминалот треба да почне крајот на  идната година и во 2024 година.

„Се работи за голема инвестиција, меѓутоа со глед на искуството на изведувачите сметам дека во наредниот среднорочен период тој терминал, доколку се оди според планот и проектите, ќе биде ставен во функција и конечно ќе имаме гас кој што ќе оди од југ кон север, а не како досега исклучиво од исток кон запад“, рече Ковачевски.

„Знаете дека имаме само еден интерконектор за гас, и тоа исклучиво за руски гас кај Жидилово. Сега зборуваме за интерконектор кај Евзони, дополнително уште еден за кој што го разговараме со Бугарија, од Петрич до Струмица, што ќе значи уште два интерконектора преку коишто освен руски гас кој што го имаме во моментов на располагање во државата, ќе имаме пристап и до азербејџански гас и до ЛНГ гас кој што би доаѓал од терминалите во Грција“, рече премиерот Ковачевски.

Одговарајќи на прашањето до каде се преговорите со ТЕ-ТО негово 24-часовно работење и за испорачување на 70 отсто од топлинската енергија, Ковачевски одговори дека се водат интензивни разговори, како и дека смета дека има добри шанси да се постигне договор со ТЕ-ТО.

„Се разбира, тука има неколку фактори, прво обезбедување доволни количини на гас и тие количини да бидат набавени со цени кои што ќе овозможат електрична енергија којашто ќе биде оптимална за нашето стопанство, бидејќи планираме од ТЕ-ТО целата електрична енергија да биде за стопанството на Македонија“, рече Ковачевски.

На средбата од македонска страна присуствуваа и министерот за економија Крешник Бектеши, директорите на ЕСМ, Васко Ковачевски, и на МЕПСО, Орхан Муртезани, претседателот на Стопанска комора Бранко Азески, како и Виктор Андонов, соработник за енергетика. Во состав на делегацијата од Грција беа Костас Фрагојанис, заменик-министер за економска дипломатија и надворешни работи, Никос Цафос, советник за енергетски прашања на премиерот Мицотакис, Константини Зифарас, директор на државната компанија за природен гас ДЕПА, Георгиос Тасис, претседател/извршен директор на Public Power Corp SA како и останати претставници од секторот. (М.Ј.)