Котески и Лабудовиќ со ветувања за работа во интерес на граѓаните на Центар и на Град Скопје


Ветувања за почист град Скопје и општина Центар, нивен развој и работа во интерес на граѓаните, а не за лични и партиски интереси денеска дадоа Мирослав Лабудовиќ, кандидат за градоначалник на Општина Центар и генерал Горанчо Котески, носител на Советничката листа на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија за Град Скопје.

– Во нашата работа како советници и советничка група во Градот Скопје и во општините на град Скопје ќе се раководиме со две платформи, првата – чесност, одговорност и транспарентност во нашата работа во интерес на граѓаните, а не за лични и партиски интереси. Втората платформа е да градиме единство меѓу советниците и советничките групи од другите партии кои треба да го поддржат она што е позитивно и во интерес на граѓаните, а не да прават блокади кои се кршат преку грбот на народот, рече Котески во изјавата по поднесување на кандидатската листа на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија за советот на Град Скопје.

Најави дека во деновите што следат ќе ја изложат нивната програма, која, како што рече, е реална, содржајна и остварлива. 

Мирослав Лабудовиќ вели дека на Центар му треба системско решенија, хигиена, рамномерен урбан и одржлив развој.

-Затоа ја поднесувам кандидатурата за кандидат за градоначалник на Општина Центар со поддршка на ЗНАМ Движење за Македонија и голема поддршка од ВМРО ДПМНЕ, рече тој.

Додаде дека веќе е започната комуникацијата со локалниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и за изработка на програмата.

-Тоа што ќе следува се интензивни средби со граѓаните каде ќе ги чуеме нивните проблеми, а решенијата ќе ги преточиме во нашата програма. Таа ќе биде со реален импулс кој ќе го дадеме и ќе го предочиме пред центарци, бидејќи тие знаат што им треба. Ќе дадеме програма која ќе може да се реализира во мандат од четири години, мандат во кој таа општина ќе стане одржлива, порача Лабудовиќ.

Тој потенцира оти даваат приоритет на безбедноста, не само во сообраќајот, туку и во училиштата, во домувањето, и кај децата, а големо внимание, како што рече, ќе обрнат внимание на оние на кои Општината најмногу им е потребна – маргинализираните групи, лицата со посебни потреби, децата и пензионерите.

Хигиената, потенцира, е на прво место, ветувајќи дека во првите 100 дена Центар ќе биде исчистен и оти оттука ќе се одржува чистотата. Најави дека особен фокус ќе се дава на зеленилото и човековата околина.