Костадинов: Струмичани ќе го враќаат унгарскиот кредит, а нема да добијат ништо!

Според градоначалникот Костадинов општина Струмица изгубила над два милиони евра со одлуката на владата


„Средствата кои ни се кратат нам како струмичани се околу 140.000.000 денари.Истите тие пари директно од џебот на секоја струмичанка и струмичанец од градот и од секое наше село ќе бидат користени да се враќа унгарскиот кредит. Ќе бидеме задоволни доколку истиот износ од 140 милиони денари се насочи за научни истражувања во МАНУ, нека имаат зголемен буџет, нови лаборатории, барем да ја ублажиме неправдата“, изреагира денес на социјалните мрежи градоначалникот на Струмица од СДСМ, Костадин Костадинов.

Струмица е една од трите општини (раководени од СДСМ и ДУИ) покрај Град Скопје кои не добија заем од унгарскиот кредит за да остварат проекти. Практично од 80 општини што аплицирале добиле сите што се предводени од ВМРО-ДПМНЕ, а отпаднале само тие што се бројат на прсти, а не ги води оваа партија, иако парите ќе ги враќаат сите, а и во нив има гласачи на ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно Костадинов им остави на граѓаните сами да пресудат за политиката што ја водат  ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и целата коалиција кон Струмица. 

„После подолго време повторно трн во окото е Струмица. Моја Струмицо, помисли добро анализирај, заклучокот е дека против нас е отворен фронт! Нека ова биде зачеток на еден нов порив за слобода. Струмица била, Струмица е, Струмица ќе остане слободна“, напиша Костадинов поистоветувајќи ја одлуката со објава на „политичка војна“.

Според него, Струмица не заслужува да биде изоставена од важни проекти кои носат развој и подобри услови за живот. „И покрај сите пречки, ќе продолжиме да се бориме за она што е најдобро за Струмица и за сите вас“, им порача тој на струмичани.

Инаку, од Владата сѐ уште го кријат списокот со доделени пари за проекти меѓу кои не е проектот кој има далеку поголема важност и тежина од сите други пријавени, што и да се – а тоа е барањето да се обезбедат нови автобуси за градскиот превоз во Скопје, агонија за граѓаните што според оваа одлука ќе трае додека ВМРО-ДПМНЕ не успее да го освои политички Скопје и да си стави провизии од купувањето автобуси во свој џеп.