Косовската дијаспора годинава испратила во земјата 800 милиони евра


Косовските иселеници во првите десет месеци од годинава им испратиле на своите сонародници во Косово околу 800 милиони евра, што претставува околу 11 отсто повеќе од средствата испратени во истиот период минатата година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Портпаролот на Централната банка на Косово, Куштрим Ахмети изјави за агенцијата КосоваПресс дека во периодот јануари-октомври 2020, иселениците, преку разни канали, испратиле во земјата 90 милиони евра повеќе одошто во истиот период 2019 година.

-Во периодот јануари-октомври 2020 вредноста на паричните пратки од иселениците ја достигна бројката од 795,6 милиони евра, односно 90 милиони повеќе одошто во истиот период 2019 година. Од таа сума, 115,3 милиони се испратени преку комерцијалните банки, 556 милиони преку агенции за трансфер на пари, додека 124,2 милиони се стасани преку неформални канали, односно луѓето лично донеле готови парични средства, изјави Ахмети.

Своите сонародници во Косово најмногу ги помогнале печалбарите од Германија, а потоа следат оние од Швајцарија, Италија, Австрија, Соединетите Американски Држави и Франција.

Најголем прилив на средства од странство, според Централната банка на Косово, е забележан во месец мај, кога се стасани 104 милиони евра, што е за 25,6 милиони повеќе одошто истиот месец минатата година.