Косово го запре увозот на македонското јагне, сточарите загрижени
За Божик најголем дел од живото јагне замина за извоз за Косово и Албанија. Косово го запре увозот поради болест кај овците во регионот на Липково
БИТОЛА – Затворањето на границите за извоз на живо јагне од Македонија ќе ја урне цената на домашното јагне за Велигден. Ова се стравувањата на одгледувачите на овци откако пред три дена косовската агенција за храна и ветеринарство објави дека забранила увоз на овци и кози од Македонија поради присуство на заболување кај овците и козите во регионот на Липково, кумановско. Најголем дел од македонското јагне заминува за Косово и Албанија.
„Во согласност со Законот за ветеринарство бр. 2004/21, увозот на живи овци и кози, како и нивните нуспроизводи (кожи и волна), е забранет, вклучително и производи што потекнуваат од овие животни кои не се термички третирани или кои потекнуваат од Република Северна Македонија. Оваа мерка стапува на сила веднаш и ќе остане во сила до понатамошна проценка на ситуацијата од страна на надлежните меѓународни органи, како и од Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Косово“, се наведува во соопштението.
Забраната е резултат на официјални извештаи од ADIS и Светската организација за здравје на животните (WOAH).
Затворањето на границите за македонското јагне за сточарите е нов удар врз нивната економија и реално стравување дека на домашниот пазар цената на јагнето ќе биде пониска од онаа од извоз и под производствените трошоци. Односно дека ќе бидат скратени за околу 1 евро од килограм живо јагне.
Сточари со кои разговараше „Независен“ велат дека за Божик најголем дел од живото јагне замина за извоз за Албанија и Косово и тоа по цена од 280 до 320 денари за килограм, или просек пет евра. Домашните кланичари нуделе цена од 240 до 250 денари за килограм живо јагне, но кога виделе дека цената е повисока за извоз биле „приморани“ и тие да платат 280 денари за килограм, велат сточари од Пелагонија.
Сега кога веќе има проблем со болести кај овци и при затворена граница одгледувачите на овци ќе бидат принудени јагнето да го носат во домашните кланици.
Тука се јавува реално стравувањето по која цена ќе се откупува јагнето.
„Забраната за извоз на јагнињата е за период од 30 дена, ако не се сузбие болеста може да продолжи. На 12 април е нашиот православниот Велигден, јагнињата треба да ги дадеме до 20 – 25 март во кланица, прашањето е по која цена и дали ќе се исплати“, велат сточари.
Аце Милевски сточар од Гнеотино одгледува трло со 400 овци, за Божик јагнето живо го дал за извоз за Косово и Албанија, трговците од соседството барале јагне со поголема тежина од 30 до 50 килограми. Цената во просек била околу 5 евра за килограм живо јагне.
„Под 300 денари да не биде цената за килограм живо јагне за Велигден. Забрана за извоз значи дека ќе биде многу, многу пониска цената од оваа што ја бараме. Чаре е да се преземат мерки да се сузбие болеста во Кумановско и да се продолжи со извозот на јагнето. Неразумно и неприфатливо е кланичарите да имаат поголем ќар од производителите. Ќе бидеме уценети ако границата е подолго време затворена за извоз. Јагнето ќе ни оди под цена исто како лани кога беше 220-230 денари за килограм,“ изјави за „Независен“ Аце Милевски сточар од Пелагонија.
Пред два дена неколкумина одгледувачи на овци беа на средба со кланичарите и министерот за земјоделие Цветан Трипуновски.
Одгледувачите на овци побарале откупот на јагнето да биде по иста цена од почеток до крај на откупот, тоа значи да не се манипулира со цената на јагнето на штета на одгледувачите на овци.
Сточарот Насер Џемаили претседател на СОО „Модерен овчар“- Скопје ни изјави дека на средбата со кланичарите зборувале за Програмата за 2026 во делот на овчарството и од таму констатира дека нема да има промени во програмата што ги бараат сточарите.
„Нема да има промена во Програмата за 2026 година, истата ќе биде, само делот на условот за заклано јагне во кланица ќе биде или 30 проценти од бројот на овци или предадено млеко. Ниедно од нашите барања не е прифатено. Со кланичарите дискутиравме да соработуваме. Ги замоливме да бидат по фер со ценит, и да биде една цена на јагнето од почеток на откупот до крај, да не манипулираат со цените“, изјави Џемаили.
Министерот Трипуновски не даде детали од средба туку само потврди дека сточарите и кланичарите разговарале за цената на предадено јагне.
„За поздравување е дијалогот помеѓу двете страни, кој се води со цел да се обезбеди фер и одржлива цена, како и стабилен пласман на меѓународниот пазар“, објави Трипуновски.
Одгледувачите на овци се во незавидна состојба откако субвенциите за 2024 година беа исплатени неодамна и тоа само за половината од нив. Значи од 2.500 одгледувачи на овци половината од нив останаа без доисплатата од 1.400 денари, бидејќи не го исполниле условот 50 проценти од јагнињата сметајќи го бројот на овци да ги предадат во кланица. Нивниот револт порасна откако останаа беа субвенции. Во исто време одгледувачите на овци сѐ уште ги чекаат и парите од премијата за предадено млеко. Исплатени се само дел од нив и тоа за два, односно три месеци од 2025 година, по 7 денари за предадено литар млеко. Сега сточарите бараат укинување на условот 30 проценти од јагнињата да ги носат во домашните кланици.
Што се однесува до исплатата на субвенциите, Насер Џемаили вели го прашале министерот за заостанатите субвенциите и субвенциите за 2025 година, но не добиле конкретен одговор, освен дека одгледувачите на овци ќе имаат приоритет во исплата.