Кос: Светот се промени, мора и процесот на проширување


Фото: Б. Грданоски

Загреб – Европската комесарка за проширување Марта Кос денеска го претстави предлогот на Европската комисија за реформа на проширувањето на ЕУ и изнесе планирани чекори за постепена интеграција, построга проверка на кандидатите и нова методологија, нагласувајќи дека светот се променил, а со тоа мора да се промени и самиот процес на проширување.

Таа на Конференцијата на хрватските амбасадори во Загреб рече дека проширувањето не значи поголема ЕУ, туку посилна ЕУ.

– Се работи за создавање Европа способна да ги осигура сопствените интереси соочена со сè поголемата конкуренција од другите глобални сили. Во тоа можеме да бидеме успешни само доколку го стабилизираме нашиот континент и во ЕУ ги вклучиме оние земји кандидатки кои ги исполнуваат своите обврски. Бидејќи ниту една европска земја не би можела сама. Проширувањето е геополитички стабилизатор на Европа – рече таа, додавајќи дека се очекува 2026 година да биде рекордна година за напредок во проширувањето на ЕУ.

Таа потсети на 1999 година кога европските лидери се собраа во Хелсинки за да утврдат што треба да се направи за ЕУ да се подготви за најголемото проширување во историјата и истакна дека сличен процес веќе започнал.

– Доаѓа „Хелсиншкиот момент“ на нашата генерација – рече таа и најави дека во октомври европските лидери ќе се сретнат на Европскиот совет за да разговараат за проширувањето.

Таа најави дека поради тоа ЕК во септември ќе ги претстави своите идеи за тоа како Европската Унија мора да се подготви додека земјите кандидатки се приближуваат до завршната линија од преговорите за пристапување.

Според неа, ЕУ мора да се справи со четири прашања за да се дојде до консензус на највисоко ниво и да им се „посака добредојде“ на новите држави членки.

Како прв елемент таа го истакна влијанието што новите земји членки можат да го имаат врз Унијата, бидејќи доколку постои ризик тоа влијание да биде штетно за другите членки, мора да се делува така што ќе се заштитат нивните интереси.

Како втор елемент ги истакна внатрешните реформи потребни за поголемата Унија да остане способна за делување и да биде агилна за брзо приспособување во услови на кризи.

– Добрата вест е дека постојните Договори веќе ни даваат значителен простор за подобрување на начинот на кој ги донесуваме одлуките и начинот на кој функционираат нашите институции. Тоа треба да го искористиме за да го направиме процесот на донесување одлуки поефикасен и пофлексибилен. Тоа исто така би можело да значи намалување на бројот на области во кои една држава членка може да ги блокира сите останати, а би можело да значи и намалување на нашите институции – рече таа.

Како трет елемент истакна дека секоја нова членка мора да ја засили Европа – политички, економски и во поглед на безбедноста, што, според неа, почнува со владеење на правото.

– Потребен ни е докажан успех во спроведувањето на реформите и обврските преземени со пристапниот процес. Мораме да се погрижиме да не пуштиме тројански коњи внатре. Ниту денес, ниту за 10 или 20 години. Неодамнешното искуство покажа дека може да бидат потребни посилни заштитни мерки за да се спречат, а доколку е потребно и да се исправат, кршењата на основните начела и вредности на нашата Унија – рече Кос.

Како четврти елемент наведе дека проширувањето на ЕУ мора да се развива за да одговори на денешната реалност.

– Подготовката за членство во ЕУ бара време. Но нашите противници повеќе не им даваат време на нашите кандидати. Тие не чекаат трпеливо додека земјите кандидатки не го завршат дваесетгодишниот процес на пристапување. Тие инвестираат. Тие вршат политички притисок. Тие создаваат зависности. Тие ја искористуваат несигурноста. Затоа мораме да се оддалечиме од логиката „сè или ништо“ во проширувањето. Потребен ни е поструктуриран пристап за да го премостиме времето што повеќе го немаме. Мораме да бараме поамбициозни начини за постепена интеграција – оцени Кос.

Според неа, целта е земјите кандидатки да добијат корист од Унијата пред членството за да можат подобро да се спротивстават на надворешните притисоци, а таквите придобивки би требало да се фокусираат на стратешките сектори што им служат и на сегашните и на идните членки.

– Но принципот останува непроменет – придобивките доаѓаат со почитување на обврските и реформите – рече таа и потсети дека веќе сега постојат низа случаи каде кандидатите остваруваат одредени погодности од членството во ЕУ дури и пред да се приклучат, како што е Единствената област за плаќање во евра за бесплатен трансфер на пари (SEPA).

– Не можеме да го чекаме денот на пристапувањето за да почнеме да ги поврзуваме нашите идни членки со системите од кои зависат нашата Унија и нејзините држави членки. Светот се промени. И проширувањето мора да се промени со него. Ако изградиме консензус околу овие четири елементи, можеме повторно да го направиме проширувањето успешен инструмент на европската моќ – заклучи Кос.