Хјуман рајтс воч: Пресудите за Тачи и други лидери на ОВК се важен чекор кон правдата


Берлин –   Пресудите за воени злосторства против поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и тројца други водачи на поранешната ОВК, изречени оваа недела претставуваат важен чекор кон утврдување одговорност за жртвите од конфликтот во Косово од 1998-1999 година, објави меѓународната организација Хјуман рајтс воч.

Таа организација за заштита на човековите права истакнува дека Специјализираниот совет на Косово, чие седиште е во Хаг, ги прогласи Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими за виновни за воени злосторства, вклучувајќи убиство, тортура, суров третман и произволно лишување од слобода, но исто така ги ослободи од обвиненијата за злосторства против човештвото.

Пресудите беа изречени за злосторства извршени за време на војната во Косово и во северна Албанија, против косовските Албанци, Срби, Роми и други. Судот ги осуди Тачи и Красниќи на 25 години затвор, Весели на 18, а Селими на 13 години, потсетува Хјуман рајтс воч.

Според ХРВ, судиите нагласиле дека тоа не е судење на ОВК и дека случајот не бил фокусиран на легитимитетот на борбата на ОВК, ниту на злосторствата извршени од српските и југословенските сили против косовските Албанци, ниту на обидот да се изедначат злосторствата извршени од едната страна со оние извршени од другата. Пресудата се однесува на индивидуалната кривична одговорност на четворицата обвинети за специфични злосторства против Срби, Роми и косовски Албанци, додава ХРВ.

Тие нагласуваат дека судењето се одвивало во „атмосфера на заплашување сведоци“. Судот објави дека некои сведоци лажно сведочеле или ги промениле своите претходни искази, и дека стравот за сопствената безбедност можеби влијаел врз некои сведоштва. Друг случај се води против Тачи и уште четири лица пред Специјализираните совети на Косово, под обвинение за попречување на правда.

Хјуман рајтс воч наведува дека пресудата е донесена во поширокиот контекст на недостаток на целосна одговорност за злосторствата извршени за време на конфликтот во Косово.

Судовите во Србија осудија 17 лица за воени злосторства поврзани со Косово, вклучувајќи 15 Срби, според ХРВ, додавајќи дека судењата главно биле насочени кон сторители од понизок ранг, а не кон високи воени или полициски службеници. Сепак, никој не беше повикан на одговорност за огромното мнозинство воени злосторства, истакнува ХРВ.

Хјуман рајтс воч, исто така, наведува дека пресудата за Тачи, Весели, Красниќи и Селими, која судот ја изрече на 16 септември, треба да охрабри нови напори за задоволување на правдата за сите жртви на војната во Косово.

Директорот на „Хјуман рајтс воч“ за Европа и Централна Азија, Хју Вилијамсон, изјави дека пресудата „испраќа важна порака до жртвите и нивните семејства дека дури и моќните лидери не се надвор од дофатот на правдата“.