Корисниците во САД добиваат можност да го променат корисничкото име на Gmail


Новата опција им овозможува на корисниците едноставно да ја променат својата Gmail адреса без губење на пораките, но незгодно е што промената е можна само еднаш на 12 месеци.
Google воведе можност за промена на корисничкото име на Gmail, со што корисниците конечно можат да го изменат делот од својата е-mail адреса пред „@gmail.com“. Опцијата моментално е достапна за сите корисници на Google сметки во САД, а засега не е познато дали ќе се прошири и во други региони.

По промената на корисничкото име, старата е-mail адреса останува поврзана со сметката како алтернативна, што значи дека сите пораки и понатаму ќе пристигнуваат во истото сандаче. Сепак, корисниците треба да бидат внимателни при изборот на новата адреса бидејќи промената е можна само еднаш на 12 месеци, а новото корисничко име нема да може да се користи за креирање посебна Google сметка.

Освен што овозможува замена на несоодветни или застарени кориснички имиња, новата опција може да биде корисна и во случаи на промена на презиме, на пример по венчавка. Од друга страна, по промената на адресата, корисниците можеби ќе треба рачно да ги ажурираат своите податоци за најава на апликации и веб-страници кои користат Gmail сметка.

Google објави и краток туторијал на YouTube за тоа како се менува корисничкото име на Gmail. Доколку некогаш одлучат да ја прошират оваа опција, можеби ќе ви затреба.