КОП31: 25 земји се залагаат за напуштање на фосилните горива
Сојуз од околу 25 земји се залага за постепено исфрлање од употреба на јагленот, нафтата и гасот, дури и додека Конференцијата на ОН за климатски промени, или КОП31, се соочи со закана да заврши со ублажен став во однос на користењето на фосилните горива.
Холандската министерка за животна средина Стинтје ван Велдховен денеска изјави дека групата земји или веќе имаат планови за постепено исфрлање од употреба или сакаат да ги изготват.
– Има некои што не сакаат да го користат терминот фосилни горива на овој КОП. Има некои што заработуваат многу пари од тоа – изјави германскиот министер за животна средина Карстен Шнајдер. „А фосилните горива се една од причините зошто имаме ужасни проблеми со климата. Мора да престанеме да го гориме нашиот свет“, додаде тој.
Германија е дел од сојузот и има претставено план за постепено исфрлање од употреба, пренесе ДПА.
Конференцијата на ОН за климатски промени во Анталија е предвидено да заврши денеска, но би можела да биде продолжена и во текот на викендот.
Најновиот нацрт на завршниот текст, кој раководството на конференцијата го објави вчера, не ги споменува фосилните горива како главен предизвикувач на климатската криза.
Француската министерка за животна средина Моник Барбут побара завршната декларација да поттикне поголема амбиција, додека панамскиот министер за животна средина Хуан Карлос Наваро ги повика сите земји учеснички да се приклучат кон заложбите за поголема употреба на електричната енергија како енергенс, со цел да се ослободат од „ропството“ на фосилните горива.
Сојузот за постепено исфрлање од употреба на јагленот, нафтата и гасот се состана во април во Санта Марта, Колумбија. Втората конференција треба да се одржи во јули во тихоокеанскиот архипелаг Тувалу, со Ирска како кодомаќин.
Учесниците се гледаат себеси како надополнување на климатските преговори на ОН. Нивната коалиција претставува одговор на бавниот напредок кај глобалните договори.