Конгресот на САД ќе се обиде до август да го ратификува зачленувањето на Финска во НАТО


 Американскиот Конгрес до август ќе се обиде да ја ратификува апликацијата на Финска за приклучување кон НАТО. Тоа во Хелсинки го изјави републиканскиот лидер во американскиот Сенат Мич Меконел, по средбата со претседателот на Финска Саули Ниинисто.

„Секако се надеваме дека ќе го постигнеме тоа пред августовските празници кога Конгресот вообичаено не заседава“, им рече тој на новинарите.

Претседателот Ниинисто вчера потврди дека Финска ќе поднесе барање за членство во НАТО, како историска промена на политиката предизвикана од руската инвазија на Украина.

Меконел рече дека има широка двопартиска поддршка меѓу американските пратеници за финското членство.