Конфузија во Москва, малкумина веруваа дека ќе има војна


Руски тенкови се движат кон Мариупол, пристаниште на Азовското Море

 

Низ Москва утринава се чувствува конфузија. На Стариот Арбат, една од најпрометните пешачки улици во Москва, многумина изразија шокираност што Русија извршила напад од целосен обем врз Украина, јавува „Гардијан“.

„Не мислев дека Путин ќе биде подготвен да оди до крај. Како можеме да ја бомбардираме Украина? Имаме наши несогласувања, но ова не е начин да ги решиме“, рече Ксенија Фадеева.

„Срам ми е за мојата земја. Да бидам искрен со вас, јас сум без зборови. Војната е секогаш страшна. Ние не го сакаме ова“, рече Никита Голубев.

„Не можев да верувам во вестите што ги прочитав утрово. Војна со Украина? Што правиме? Се чувствувам немоќно“, изјави Татјана, која побара нејзиното презиме да не се објавува.

Украинскиот културен центар во центарот на Москва соопшти дека е затворен денеска поради инвазијата. Украинскиот администратор, кој не сакаше да го каже своето име, рече: „Ние сме бомбардирани додека зборуваме. Секако дека сме затворени! Исусе, што се случува?“