Конференција „Централното банкарство во услови на постојани светски промени: поттикнување стабилност, иновации и издржливост“
Конференцијата на тема „Централното банкарство во услови на постојани светски промени: поттикнување стабилност, иновации и издржливост“ ќе се одржи денеска во Скопје во организација на Народна банка, со поддршка на Европскиот форум за европски пари и финансии (SUERF – The European Money and Finance Forum).
Конференцијата ќе ја отвори гувернерот на Народната банка Трајко Славески, а ќе се обратат и премиерот Христијан Мицкоски и генералниот секретар на СУЕРФ Ернест Ган.
Во рамките на настанот ќе се одржат три панел-дискусии на кои гувернери и високи претставници на централните банки и на меѓународните финансиски институции ќе разговараат за главните предизвици за централното банкарство во услови на зголемена светска неизвесност. Учесниците ќе зборуваат за макроекономските политики, искуствата од справувањето со светските економски шокови и улогата на економските политики во одржувањето на финансиската стабилност.

Првиот панел е посветен на темата „Зајакнување на стабилноста во услови на висока неизвесност: лекции за макроекономските политики“, а на него ќе се обратат гувернерот на НБ Трајко Славески, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, гувернерот на Хрватската национална банка Борис Вујчиќ, гувернерот на Централната банка на Косово Ахмет Исмаили, заменик директорот на Одделот за фискални прашања при ММФ Ера Дабла Норис, како и професорот за финансиска стабилност и директор на Школата за банкарство и финансии во Фиренца Торстен Бек.
Вториот панел е на тема „Перспективите на дигитализацијата и иновациите: предизвици и можности за централните банки“, а на него ќе се обратат, извршниот директор на ММФ, Јерун Клик, вицегувернерот на Банката на Словенија Марко Пахор, раководител на Оддел во Генералниот директорат за дигитално евро на Дојче Бундесбанк Хаике Винтер, раководител на Иновативна и дигитална економија, Бис Џон Фрост, Урлих Биндсаул од ТУ Берлин, главниот советник на гуверенерот на Централната банка на Унгарја, Барнабас Вираг и главниот економист на Банката на Англија Хју Пил.
Третиот панел е посветен на темата „Обезбедување долгорочна отпорност на финансиската стабилност: макропрудентни алатки, политики на интеракција и ризици поврзани со недвижности“, на кој ќе се обратат извршниот диреткор на Националната банка на Словачка, Раинер Мартин, генерален директор на Одделот за макропрудентни политики и финансиска стабилност на Европската централна банка Корнелиа Холтхаусен, советничката на гувернерот на Народна банка Милица Арнаудова Стојановска и раководителот на Одделот за макропрудентна супервизија на Австриската централна банка, Штефан Шмитц.
-Настанот претставува уникатна можност за продлабочување на меѓународната соработка и размената на знаења, искуства и мислења меѓу гувернерите, претставници на централните банки, меѓународните финансиски институции и академската заедница. Темите ќе ги опфаќаат актуелните предизвици со кои се соочува централното банкарство и улогата на централните банки во обезбедувањето стабилен и отпорен финансиски систем во време на забрзани светски промени, се нагласува во соопштенито на Народна банка.
Конференцијата ќе може да се следи во живо на каналот на Народната банка на „Јутјуб“.