Кондовски ќе прави Чупе парк во Битола


Како поддршка на жените, во делот на правна, социјална и психолошка поддршка, посебно на жени и деца жртви на семејно и родово базирано насилство, кандидатот за градоначалник на Битола од СДСМ, Христо Кондовски, ветува дека ќе изгради Центар за поддршка, но и Чупе парк.

– Неопходно е да обезбедиме поддршка на жените во нашата заедница, во нашата oпштина. Моја лична заложба е истата да биде институционално присутна и ефективна. Затоа најавувам формирање на Центар за поддршка и различни видови на помош за жени во делот на правна, социјална и психолошка поддршка, посебно на жени и деца жртви на семејно и родово базирано насилство – вели Кондовски.

Појасни дека центарот ќе се формира во соработка со здруженијата и фондациите кои работат во оваа област. Тој предвидува и шелтер центар, преку кој жените покрај тоа што ќе добијат безбедност, ќе го трасираат својот пат кон финансиска стабилност и независност за себе и за своите деца.

– Исто така, ќе изградиме Чупе парк. Простор оплеменет и прилагоден за одржување на настани во организација на женските здруженија. Паркот ќе биде опремен со реквизити за забава и разонода за млади мајки, пензионерки, спортистки, за сите жени во нашиот град. Овој проект ќе се реализира во соработка со јавните претпријатија Комуналец и Нискоградба. Општината за оваа цел ќе намени буџет од 20.000 евра – додаде Кондовски.

Тој најави отворање и клубови и здруженија на рурални жени, со што ќе се зголеми бројот на жени кои се регистрирани како самостојни земјоделки и жени сопственички на земјоделско земјиште или имот. Овој проект ќе се реализира во партнерство на општината со УСАИД и УНДП програмите. Со нивна помош ќе се изврши опремување и адаптација на просториите кои се во сопственост на Општина Битола.