Концерт во НОБ по повод 100 години од раѓањето на Микис Теодоракис


По повод 100 години од раѓањето на грчкиот композитор Микис Теодоракис, на 8 октомври во Националната Опера и Балет во Скопје, во 20 часот, ќе се одржи свечен концерт во организација на Баги Комуникации, а во соработка со Амбасадата на Грција во Северна Македонија.

Микис Теодоракис (1925–2021) е еден од најголемите композитори на 20 век. Неговото име е нераскинливо поврзано со музиката за филмот „Гркот Зорба“, која стана светска икона, но и со партитури за „Серпико“ и бројни симфонии, ораториуми и камерни дела. Паралелно со неговото уметничко творештво, Теодоракис остана запаметен и како симбол на демократските идеали, што ја претвори неговата музика во универзален јазик на надеж и достоинство.

„Веруваме дека универзалноста на музиката на Теодоракис е она што и денес ја прави блиска и разбирлива за сите генерации. Таа носи порака што ги надминува границите и културните разлики и ги поврзува луѓето низ емоцијата, уметноста и заедничките вредности“, изјавија организаторите на концертот.

На концертот во Скопје ќе настапат реномираните грчки музичари Клеоники Демири (вокал), Акилиас Гуастор (пијано), Лефтерис Гривас (хармоника) и Димитрис Куфогиоргоc (мандолина и бузуки).

Демири е позната по своите интерпретации на големите имиња од грчката музика и настапи на бројни сцени во Европа, додека нејзините соработници се искусни инструменталисти со богата концертна кариера, чија изведба се карактеризира со прецизност и автентичен звук. Заедно, тие ќе претстават избор од најзначајните дела на Теодоракис – од познатите филмски теми до помалку изведуваните композиции што го откриваат целото богатство на неговиот опус.

Билетите се достапни онлајн преку платформата mktickets.mk.