Концерт на пијано на Леонид Петрески  в сабота во Даут пашин амам


В сабота – 13.09.2025 година во НГ Даут Пашин Амам во Скопје во 20 ч, солистички концерт ќе одржи младиот и надежен пијанист Леонид Петрески. Концертот се одвива во рамките на Фестивалот за современа музика Модоарс 2025 кој по 19-ти пат се одржува во Скопје.

Фестивалот Модоарс е повеќе од музички фестивал, бидејќи во својата мисија има за цел да ги донесе новите музички трендови, да прикаже концерти на големи музички имиња од земјата и странство, да ги промовира младите уметници и да внесе нов квалитет и динамика во културниот живот во нашата земја.

Леонид Петрески е извонреден пијанист кој дипломирал како најдобар студент на својата генерација. На програмата ќе изведе композиции од Бетовен и Лист, како и дела од македонскиот композитор Димитрије Бужаровски. Сонатата оп.111 од Бетовен и композицијата од Лист  се дел од т.н. “железен” пијанистички репертоар, додека двете Ноктурна оп.49 на Бужаровски се сведоци на современатамакедонска музичка уметност низ кои може да се слушнат преработки на македонски народни теми.

Леонид работи како професор по пијано во училиштето „Модоарс пијано академија“ и активно одржува концерти во земјата и надвор од неа.

Влезот на овој концерт е слободен.