Концерт на аматерскиот женски хор „ФРИДА“ на „Скопско лето“


Ве информираме дека во рамки на јубилејното 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“, вечерва, 13.07.2024г. (сабота), ќе се одржи концерт на аматерскиот женски хор „ФРИДА“, со почеток во 20:30 часот во Музеј на македонската борба.
 
Диригент и уметнички раководител: Сузана Турунџиева
 
На програмата на концертот ќе бидат изведени светски хитови („Light of Life“, „Dance Me to the End of Love“, „Islands in the Stream“, „Sway“ и останати), како и обработка на македонски безвременски хитови („Свири ми свири“, „Еден бакнеж“, „Роза сина“, „Бакни ме нежно“, „Галебе мој тажен“, „Есенска роза“ и други). 
 
Во времетраење на целовечерниот концерт, на тема „ФРИДА КАЛО – уметност која непрестајно инспирира и мотивира“ ќе биде поставен изложбен штанд со рачни изработки, изработени од хористките и од Сузана Турунџиева, кои на самиот настан ќе се продаваат. Средствата кои ќе бидат соберени ќе бидат наменети на некоја „Фрида од нашето секојдневие која се соочува со здравствени предизвици“, а и се потребни за лекување. 
 

Аматерски женски хор „ФРИДА“ е формиран во октомври 2023 година. Основач, раководител и диригент на хорот е Сузана Турунџиева – вокален солист и музички педагог. Хорот го сочинуваат околу 60 хористки аматери, со големо хорско искуство. Нивниот ентузијазам, талент, креативност, посветеност и желба за групно музицирање е причина повеќе хорот да постави високи цели и предизвици кои за релативно кратко време од неговото формирање им обезбедија настапи на повеќе манифестации од јавен карактер.