Кому му оди во прилог враќањето на парламентот


Ако пратениците се вратат во собраниските клупи, тоа ќе значи и поништување на изборните дејствија (Фото: Борис Грданоски)

Како што се намалува интензитетот на епидемијата со Ковид-19, така растат тензиите на политичката сцена, заедно со неизвесноста околу одржување на изборите и понатамошното функционирање на институциите

 

Вчерашниот биланс од пет новозаразени со корона вирусот во земјава, што е најмала бројка во последните неколку седмици, е помал и од бројката на прес-конференции што ВМРО-ДПМНЕ ги одржа во текот на викендот, обвинувајќи ја владејачката гарнитура дека не се справува соодветно со епидемијата и дека брза да продолжи со изборите. Според опозицијата, и намалувањето на тестирањата е политички мотивирано – наспроти аргументицијата на министерот за здравство Венко Филипче дека се намалуваат индикациите за тестирање за Ковид-19.

Но продолжениот викендот што измина, освен што укажа дека епидемијата оди по надолна линија, ги извади на чистина и позициите на главните политички партии во однос на парламентарните избори кои се под мораториум од втората половина на март.

СДСМ  отворено повика изборите да продолжат „веднаш штом здравството и епидемиолозите потврдат дека вирусот е под целосна контрола“. Тоа би можело да значи гласање веќе следниот месец, со оглед на тоа што целата процедура може да заврши за нешто повеќе од 20 дена – колку што трае кампањата, која само што не беше почната во моментот кога владата ја донесе уредбата за стопирање на изборните дејствија.

Од друга страна, позициите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ и по прашањето на изборите испаднаа многу блиски, така што едните тврдат дека изборите не се приоритет и дека е дегутантно во овој момент да се зборува на таа тема, а другите велат дека изборите не им се во агендата и дека одлуката за тоа кога ќе се гласа, иако во суштина е политичка,  со оглед на ситуацијата, треба биде предмет на проценка на Комисијата за заразни болести.

И додека партиите се расправаат дали може да се свика седница на распуштениот парламент, кога треба да се одржат изборите и дали сега воопшто треба да се разговара на таа тема, од две страни дојдоа сигнали кои упатуваат на тоа дека статус-кво ситуацијата со изборите, поради кризата со корона вирусот, предизвикува сериозни проблеми во функционирањето на институциите, што допрва може да ескалираат.

Претседателот Стево Пендаровски навести дека можеби нема да носи нови одлуки за  продолжување на вонредната состојба, со оглед на очекувањата дека и натаму ќе се намалува бројката на нови заразени со Ковид-19, а во ситуација кога претседателотт на Собранието, Талат Џафери, одбива да го свика парламентот за да бидат потврдени решенијата на шефот на државата. Без вонредна состојба, пак, ниту техничката влада веќе нема да може да носи уредби со законска сила, така што прашање е како ќе функционира системот ако парламентот и натаму е нефункционален и ако и натаму се одложува одржувањето на изборите за нов парламентарен состав.

Во Уставниот суд повторно се отвора дебата околу издржаноста на одлуката за распуштање на парламентот. Само десетина дена откако судиите ја отфрлија иницијативата на Тодор Петров за оценување на уставноста на одлуката за распуштање на Собранието, по иницијатива на еден од судиите, неделава ќе се разгледува можноста за укинување на таа одлука. Овој пат аргументите се во насока на тоа дека одлуката за распуштање на парламентот не ја исполнила целта поради која е донесена, со оглед на тоа што не се одржаа избори во уставно предвидениот период од 60 ден, односно на 12 април.

Ако почне процедура што би довела до укинување на одлуката со распуштање на парламентот, тоа ќе значи враќање на пратениците во собраниските клупи, но и поништување на изборните дејствија што беа спроведени од распуштањето на парламентот до стопирањето на изборите, така што не е исклучено и изборите наесен да влезат во редовниот термин за нивно одржување, со што би се испроблематизирал мандатот на техничката влада.

Такво сценарио, само во еден дел би ѝ одело во прилог на опозицијата, која сега е против тоа да се брза со одржување на изборите, но, од друга страна, навива овој парламентарен состав да не се собере повторно, туку шефот на државата и натаму да носи одлуки за продолжување на вонредната состојба и да продолжи да владее техничката влада. Против повторно свикување на парламентот се и претседателот на Собранието, Талат Џафери, и ДУИ, додека СДСМ бараше наменски да се одржи итна седница за потврда на одлуките на Пендаровски за вонредната состојба, но веднаш штом ќе се создададат услови, да продолжат дејствијата за одржување на предвремените парламентарни избори.

Ако парламентот се врати во функција, првата задача што треба да ја заврши е да ги потврди двете одлуки на Пендаровски за вонредната состојба, за кои се водат постапки и во Уставниот суд.  Оценката на уставните судии за првата одлука се очекува в среда, а за втората одлука ќе се одлучува наскоро, по иницијативата на Левица, од каде што сметаат дека шефот на државата не може да носи решенија за продолжување на вонредната состојба повеќе од 30 дена. Во Уставниот суд, исто така, се поднесени и се разгледуваат повеќе од сто инцијативи за оценување на уставноста на уредби на владата донесени во периодот по прогласувањето на вонредната состојба. Во најголем дел подносители на иницијативите во однос на уредбите се Тодор Петров и Светскиот македонски конгрес. (Н.В.)