Компанијата „Амазон“ за десет месеци вработила 427.300 луѓе  


Американската онлајн продавница Амазон, вработила речиси 430.000 лица во изминатите десет месеци, откако САД во март се соочија со последиците од светската пандемија на коронавирус, јави денеска Њујорк тајмс.  

Вкупниот број на вработени во оваа компанија сега е 1,2 милиони. 

Стотиците илјади нови вработувања во Амазон се разултат на пандемијата, поради што луѓето во САД, и во многу други западни земји, сега претежно купуваат онлајн, а оваа компанија е број еден онлајн продавница во светот. 

Нови вработувања во изминатите десет месеци има во седиштето на компанија во Сиетл, во илјадниците складишта на Амазаон кои никнаа во руралите и урбаните средини на САД, но и во земјите како Индија и Италија. Бројот од 427.300 нововработени бил постигнат од јануари до октомври годинава (1.400 нови вработувања дневно), со што вкупниот број моментално е 1.2 милиони, или повеќе од 50 отсто споредено со лани.  

Најмногу од овие работни места се во складиштата и магацините, но Амазон исто така најмува и софтвер инжинери и специјалисти за хардвер, за зацврстување на своите бази на податоци во таканаречената „облачна компјутеризација“, за своите стриминг програми и уреди, кои се во огромен подем за време на пандемијата, поради затворените кино-сали, забраната од групирања и препореките да се остане дома.