Компаниите повлекоа 50,9 милиони евра евтини кредити од Развојната банка


Повлечена е последната транша од 20,4 милиони евра од евтините кредити за домашните компании. Заклучно со оваа транша, Развојната банка на Северна Македонија досега има повлечено вкупно 50,9 милиони евра. Со денеска повлечената транша добиени се сите средства што беа предвидени како евтини кредити за домашите компании.

-Седмата транша од кредитната линија ЕИБ фаза 5 која ја користи Развојна банка е одобрена за нови 73 проекти на домашни компании. Со ова, досега на вкупно 186 домашни компании преку шест комерцијални банки им се овозможи да користат евтини кредити со каматна стапка до 1,6 отсто. Овие 186 домашни компании ќе поддржат вработување на вкупно 605 лица, информираат од Развојната банка.

Најголем дел од овие средства, 33 отсто или 17 милиони евра се одобрени за проекти во секторот производство. Триесет отсто од средствата или 15,8 милиони евра се одобрени за секторот трговија, додека 9,6 отсто или 4,9 милиони евра се одобрени за проекти во секторот угостителство. За секторот транспорт се одобрени средства во износ од 5,3 милиони евра или 10,5 отсто, за секторот услуги се одобрени 3,8 милиони евра или 7 отсто, додека за секторот здравство се одобрени средства од 1 милиони евра. За други сектори се одобрени вкупно 3 милиони евра или 8 отсто.

Од Развојната банка наведуваат дека со повлекување на последната транша од фаза 5 на ЕИБ кредитната линија која е во вкупен износ од 100 милиони евра се заокружува кредитната линија, која во овие две години на реализација поддржа вкупно 332 проекти на домашни компании со кои се вработуваат 1089 лица. Најголем дел од средствата, 35 милиони евра се одобрени за проекти во секторот трговија, 31 милиони евра се одобрени за производство, додека 10 милиони евра се одобрени за транспортот.