Николоски: Да се најде решение за превозниците и да се овозможи слободен проток на стоките


Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, денеска, на бизнис-форумот во Стопанската комора, упати директна порака дека мора да се реши проблемот со превозниците и да се овозможи слободен проток на стоките, без какви било задржувања, чекања и пречки.

Укажа и на нелојалната конкуренција во делот на тендерирањето на инфраструктурните проекти во рамките на ЕУ. Посочи дека најголемите зделки ги добиваат компании од Кина и Индија наместо европски фирми. Николоски смета дека парите на даночните обврзници не треба да се одлеваат надвор, туку треба, како што рече, да циркулираат преку стопанството во рамките на Унијата.

– Мислам дека разговораме за апсурд. Во 21 век, со признати либерализации со земја кандидат за членство во ЕУ, која ги почна преговорите, да разговараме дали македонски превозник треба кога ќе се качи во камион да ги брои деновите, часовите и минутите. Ако имаме нелојална конкуренција, од една страна, а немаме слободен проток на стока и на добра, тогаш нема поента за било што да разговараме. И обратно, ако ги решиме овие два проблема, тогаш можностите се огромни – напомена Николоски.