Компаниите од ИЗ Визбегово рагираат на долгата реконструкција на мостот Јадранска магистрала, од Град Скопје бараат разбирање


Компаниите од Индустриската зона во Визбегово денеска спроведоа мирен протест во знак на револт поради предолгиот период на реконструкција на мостот на Јадранска Магистрала.

Од Здружението на компании од Индустриска зона Визбегово, нагласија дека реконструкцијата се одвива предолго, бараат од локалните власти да работат поефикасно.
– Сметаме дека доколку се работи поефикасно, во три смени, за време на викендите и празниците, кога движењето е намалено, реконструкцијата ќе заврши поскоро. Ние во текот на денот излегуваме по неколку пати со цел да завршиме работа, во еден правец се чека и по 30 минути. Не бевме известени ниту дека ќе има реконструкција на мостот на Јадранската магистрала, ниту кога е крајниот рок за изведување на градежните работи, нагласија од Здружението на компании од Индустриска зона Визбегово.
Побараа да им биде наведено кога ќе биде завршена реконструкцијата.
Наведуваат дека, зафатот ја блокира целата зона, го отежнува целото движење и го уназадува комплетно работењето.
Имено, Град Скопје апелираше до сите учесници во сообраќајот да покажат разбирање додека траат градежните работи за реконструкција на дилатационите фуги на мостот на реката Серава, на булеварот „Никола Карев“, да ја почитуваат поставената патна сигнализација и да ја приспособат брзината на движење на условите на патот.
– Санацијата на мостот се изведува во летните месеци поради очекуваната помала фреквенција на возила во градот, а поради природата на работите и градежните материјали што се употребуваат сообраќајот на оваа делница се одвива отежнато, посочуваат од Град Скопје.
Велат дека, екипите на Град Скопје ја почнале реконструкцијата со цел да се зголеми безбедноста за сите учесници во сообраќајот, односно да не настане поголемо оштетување на конструктивните елементи на мостовската конструкција, имајќи предвид дека дилатационите фуги на овој мост подолго време се оштетени.
– Важно е да се напомене и дека мостот на реката Серава е на сообраќајница која е оптоварена со патен сообраќај и е врска со магистралниот пат кон Република Косово, односно е делница по која минуваат тешки товарни возила поради што мостот претрпува дополнително оптоварување, потенцираа од Град Скопје.
Информираа дека на мостот се изведува бетонирање со МБ – 40 и поставување арматура со високи карактеристики.
– По бетонирањето е потребно време за таканаречено „созревање“ на бетонот, односно постигнување на неговата цврстина. Тој процес, според важечките прописи и стандарди трае 28 дена, додека бетонот не ја достигне бараната цврстина, напоменаа од Град Скопје.
Истакнуваат дека завршниот рок за изведба на реконструкцијата согласно договорот и проектината документација е до 2 јули 2019 година.