Комитет за финансиска стабилност: Граѓаните да бидат спокојни – банкарскиот систем е сигурен


И по укинувањето на дозволата за основање и работење на Еуростандард банка граѓаните треба да бидат спокојни – банкарскиот систем е и останува стабилен и сигурен. Стабилни и сигурни се сите други банки, како и штедилниците, е основната порака од денешната седница на Комитетот за финансиска стабилност.

Финансиската стабилност постојано јакне и за тоа клучен е придонесот токму на стабилноста и сигурноста на банкарскиот систем. Тој е еден од најцврстите носечки столбови на македонската економија, на којшто секогаш можат и ќе можат да се потпрат граѓаните и компаниите, и економијата во целина. Укинувањето на дозволата за основање и работење на Еуростандард банка е влог во натамошно одржување на  стабилноста на банкарскиот систем и на финансиската стабилност во целина, се вели во соопштението од седницата.

При разгледување на показателите за банкарскиот систем, во контекст на укинувањето на дозволата за основање и работење на Еуростандард банка и ефектите врз системот, меѓу другото беа донесени следните заклучоци:

– Со укинувањето на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје се штити стабилноста на банкарскиот систем и финансиската стабилност во целина. Еуростандард банка  АД Скопје имаше исклучително ниско учество во најзначајните активности на банкарскиот систем (1,3% од вкупната актива, 1,7% од вкупните депозити и 1,6% од вкупните кредити), а истовремено остваруваше значајно влијание врз нефункционалните кредити на системот.

Укинувањето на дозволата за работа на Еуростандард банка АД Скопје не влијае на стабилноста на ниту еден сегмент на финансискиот систем.

– Остварувањата на банкарскиот систем, со состојба на крајот на првата половина на оваа година се подобри споредено со мартовските податоци, кога корона-кризата сѐ уште не беше посилно присутна во нашата економија.

– Од исклучително големо значење за постојаното јакнење на финансиската стабилност е што солвентноста на банкарскиот систем е во рамки на историскиот максимум.  Најголемиот дел од добивката на банките, во изминатиот период беше реинвестирана, во согласност со препораката на Народната банка. Високата ликвидност на банкарскиот систем, заедно со неговата солвентност се главни показатели коишто потврдуваат дека системот има висока отпорност на шокови, но и  капацитет за натамошна кредитна поддршка на реалниот сектор.  

– Добивката на банките е намалена во изминатиот период, но показателите за профитабилноста на банкарскиот систем се исклучително солидни. Со изземање на Еуростандард банка АД Скопје од системот, според податоците на Народната банка со состојба на 30 јуни 2020 година, кај финансискиот резултат на системот се забележува подобрување за речиси 21 отсто.

Во соопштението до медиумите се додава дека од членовите на Комитетот беше констатирано дека со ваквите перформанси, банкарскиот систем, во секој момент може во рамки на максимумот да одговори на потребите на клиентите и ефикасно да им овозможи користење на банкарските услуги и производи, вклучително и квалитетна и соодветна кредитна поддршка и клучно – безбедност за нивните депозити.

На седницата на Комитетот уште еднаш била споделена заедничката констатација дека соработката и координацијата меѓу финансиските регулатори е од исклучително значење за одржувањето на финансиската стабилност, а дека здравиот, сигурен и стабилен банкарски систем е главен стожер на финансиската и макроекономската стабилност, во којшто доверба може да имаат сите економски субјекти во земјата.