Комисијата за заразни болести треба да одлучи дали ќе се стави во функција пленарната сала
Собранието на Северна Македонија се очекува од 8 јуни да го продолжи одржувањето на седниците во пленарната сала како пред пандемијата со Ковид-19, доколку за тоа добие дозвола од Комисијата за заразни болести. Претседателот на Собранието денеска имал средба со претседателот и членовите на оваа Комисија.
– Денеска имав средба со претседателот и претставниците на Комисијата за заразни болести кои што извршија контрола на салите и помошните простории, за да се констатира дали се исполнети сите услови Собранието да почне да ги одржува пленарните седници во Сала Македонија, со почитување на мерките за заштита од КОВИД – 19, согласно новите препораки на Владата, откако службата, пратениците, обезбедувањето и другите секојдневно присутни во Собранието го завршија процесот на имунизација.
Со верба дека законодавниот дом ги исполнува препорачаните услови за работа, ќе го очекуваме позитивниот одговор на Комисијата за заразни болести, напиша Џафери на Фејсбук.
Собранието своите пленарни седници од почетокот на пандемијата ги одржува во Салата со Купола поради запазување на препораките за одржување дистанца, но во оваа сала нема систем за електронско гласање така што гласовите се бројат рачно.