Комерцијална банка ги израдува акционерите: Рекордна добивка, најави за дивиденди и очекувања за уште подобри резултати

Нето-добивката за 2023 година изнесува 58,2 милиони евра, или 66,6 отсто повеќе во однос на претходната година


Акционерите на Комерцијална банка имаат многу причини да бидат задоволни од резултатите на работењето на водечката банка во земјава во текот на 2024 година. Рекордна добивка, поголема дивиденда, а за годинава се очекуваат уште подобри резултати… Ова се само некои од поентите содржани во Коментарот на неконсолидирани и неревидирани Биланс на успех и Биланс на состојба на Комерцијална банка АД Скопје, објавени на Македонската берза.

„Во периодот од 01.01-31.12.2023 година, Банката од своето работење оствари добивка пред оданочување во износ од 3.912,6 милиони денари (околу 63,5 милиони евра, заб.) наспроти 2.311,0 милиони денари во 2022 година (околу 37,5 милиони евра) што претставува зголемување за 69,3 отсто. Планираната добивка за 2023 година е остварена со 128,3 отсто“, се вели во документот објавен на Берзата.

Данокот на добивка во 2023 година изнесува 331,2 милиони денари (речиси 5,4 милиони евра), а нето-добивката за 2023 година изнесува 3.581,4 милиони денари (58,2 милиони евра), или 66,6 отсто повеќе во однос на претходната година.

Од Комерцијална банка посочуваат дека позитивниот резултат од работењето бил остварен во услови на зголемена неизвесност поврзана со случувањата на меѓународните финансиски пазари на почетокот од годината (особено заради случувањата во банкарските системи во САД и Швајцарија), зголемени геополитички ризици надополнети со новата криза помеѓу Израел и Хамас и континуираното затегнување на монетарната политика во трите квартали од 2023 година кое резултираше со очекувано забавување на инфлацијата кон крајот на годината, но истата и натаму се задржа на ниво од 9,4% просечно годишно, што е значително над поставениот таргет од околу 2%.

„Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 41,4% поголема во однос на минатата година. Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемените приходи од редовно работење, односно од нето-приходите од камати кои бележат значително зголемување што се должи на порастот на основната каматна стапка на Народната банка и на каматните стапки на странските финансиски пазари, во комбинација со структурата на активата на Банката. Зголемувањето на каматните стапки во извештајниот период беше резултат на напорите за намалување на инфлацијата на светско ниво“, се вели во образложението за работењето на банката.

Од таму додаваат дека нето-исправката на вредност на финансиските средства заклучно со 31.12.2023 година изнесува 766,9 милиони денари, наспроти 994,0 милиони денари во 2022 година, што претставува намалување од 22,9%. Намалувањето кај исправката на вредност на финансиските средства е резултат на успешното надминување на макроекономските шокови поврзани со ценовните притисоци кај енергенсите и нормализирање на работењето кај одредени компании, клиенти на Банката, кои во текот на претходната година се соочуваа со потешкотии. Дополнително, согледувајќи ги околностите на работа кај клиентот со значајна изложеност ЕУРОНИКЕЛ ИНДУСТРИ ДОО Кавадарци, кој поради неповолните трендови во металопреработувачката индустрија не можеше редовно да ги сервисира своите обврски, Банката кон крајот на годината донесе одлука за преземање на заложениот имот со цел да се најде брзо и ефикасно решение за повторно отпочнување со производство.

„Ваквата одлука придонесе нето-исправката на вредност на финансиските средства да се задржи на умерено ниво“, посочуваат од банката.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 7.067,1 милиони денари и бележат зголемување од 28,1 % во однос на истиот период од минатата година.

Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 31.12.2023 година истите бележат зголемување од 68,2 % во однос на минатата година и планот е остварен со 147,9%.

„Притоа треба да се укаже дека иако пораст бележат сите категории каматни приходи, најголемо влијание има порастот на каматата од финансиски друштва, а во помал обем влијае и порастот на приходите од камати од нефинансиски друштва, нерезиденти и држава. На пример, каматните приходи остварени од финансиските друштва, каде доминираат пласманите во благајнички записи и депозитите во НБРСМ, се петкратно поголеми, а кај нерезидентите, каде преовладуваат пласманите во странски банки, приходите се зголемени за повеќе од три пати споредено со минатата година“, се вели меѓу другото во образложението за работењето на банката.

Така, каматната стапка Euribor, која во текот на 2022 година се движеше од минимално под нула до околу 3 % кај 12- месечниот Euribor, оваа година достигна околу 4 %. Кај благајничките записи, каматната стапка започна да се зголемува во април 2022 година и на 31.12.2022 година изнесуваше 4,75 %, додека на 31.12.2023 година истата достигна 6,30 %. Истовремено, Народната банка ги зголемуваше каматните стапки на депозитите пласирани преку ноќ и до 7 дена, при што истите се зголемија од 2,65 % и 2,70 % соодветно во декември 2022 година, на 4,20 % и 4,25 % соодветно во декември 2023 година. Каматната стапка на државните записи во периодот јануари-декември 2022 година од 0,40 % се зголеми на 4,25 % во истиот период од 2023 година, или 5,25 % кај двегодишните државни обврзници, па сѐ до околу 7,00 % кај еврообврзниците. Исто така, просечната пондерирана каматна стапка на депозитите во странски банки со состојба 31.12.2023 година, споредено со 31.12.2022 година, е зголемена од 3,72 % на 4,80 %.

„Токму затоа, во билансот на Банката, приходите од камати кај финансиските друштва и нерезидентите збирно, се значително поголеми од приходите од каматите кај населението. Исто така, збирните приходи од каматите кај финансиските друштва, нерезидентите и ржавата се поголеми од приходите од камати кај правните лица. Банката ги оствари овие резултати благодарение на структурата на активата, во која над 56 % од пласманите се во парични средства, парични еквиваленти и пласмани во хартии од вредност, што влијаеше на одржување на висока ликвидност и профитабилност од каматни приходи. Како резултат на ваквите движења, нетокаматната маржа на ниво на Банката се зголеми од 2,27 % на крајот од минатата година, на 3,63 % со 31.12.2023 година“, посочуваат од Комерцијална банка.

Нето приходите од провизии и надоместоци на 31.12.2023 година изнесуваат 1.098,7 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 2,8 %. Планот за анализираниот период е остварен со 91,4 %.

Оперативните расходи за периодот 01.01-31.12.2023 година изнесуваат 2.380,8 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 8,1 % како резултат на зголемен износ на плати и други трошоци за вработените поради зголемување на вредноста на бодот во првата половина од 2023 година и по основ на деловна успешност согласно Одлука од Одборот за воспоставување и спроведување на Политиката за наградување. Во извештајниот период исто така зголемување бележи и амортизацијата на нематеријалните средства, недвижностите и опремата. Планот е остварен со 113,8 %.

Во однос на Билансот на состојба се вели дека вкупната актива на Банката на 31.12.2023 година достигна износ од 163.606,6 милиони денари и во однос на декември 2022 година бележи зголемување од 8,4 %.

Зголемувањето на вкупната актива во најголем дел се должи на зголемените парични средства и парични еквиваленти, зголемените вложувања во хартии од вредност, зголемените кредити на и побарувања од банки и зголемените преземени средства врз основа на ненаплатени побарувања. Планот е остварен со 103,8 %, посочуваат од Комерцијална банка.

Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) достигнаа износ од 143.070,3 милиони денари и бележат зголемување од 7,2 %. Планот е остварен со 103,3%.

Обврските по кредити изнесуваат 876,5 милиони денари и се зголемени во однос на декември 2022 година за 25,5 %, како резултат на нето-ефектот од нови повлекувања и отплатени доспеани рати од кредитните линии.

Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 31.12.2023 година достигнаа износ од 18.010,5 милиони денари и во однос на декември 2022 година бележат зголемување од 15,8 % како резултат на зголемената задржана добивка (во најголем дел нераспределена добивка за 2023 година) и зголемените останати резерви согласно Одлука за распределба на добивката донесена од Собранието на акционери во март 2023 година. Планот за анализираниот период е реализиран со 103,1 %.

Во однос на очекувањата за претстојниот период, од Комерцијална банка велат дека високото ниво на неизвесност во домашната економија и на меѓународен план упатуваат на потребата од поконзервативен пристап во обликувањето на очекувањата за 2024 година, при што се земени предвид проекциите објавени од Министерството за финансии, Народната банка на Република С. Македонија, ММФ и Светската банка.

„Комерцијална банка ќе ги презема сите неопходни активности за прилагодување кон новонастанатите состојби, при што и во следниот период ќе биде фокусирана пред сѐ на одржување на квалитетот на портфолиото и изнаоѓање флексибилни решенија на барањата на клиентите, ефикасно управување со трошоците, натамошна дигитализација на процесите и модернизација на деловната мрежа, прилагодување на деловните процеси во согласност со барањата на регулативата за платежни услуги и платни системи, унапредување на доброто корпоративно управување и на практиките за одржлив развој, имплементација на систем за управување со ризиците од климатски промени и сл.“, се вели во документот доставен до Берзата.

Во однос на дивидендите, од Комерцијална банка посочуваат дека Банката на 04.05.2023 година изврши исплата на дивидендата за 2022 година на акционерите иматели на обични акции кои се евидентирани во книгата на акции на 18.04.2023 година.

Од вкупно пресметаната дивиденда за 2022 година во износ од 1.139.533.500,00 денари, исплатена е дивиденда на правни лица во износ од 601.480.500,00 денари и на физички лица во износ од 538.053.000,00 денари. Износот на дивиденда по една акција изнесуваше 500,00 денари, односно 50,0% во однос на номиналната вредност на акцијата.