Комерцијална банка донираше возило за транспорт на пациенти на  Општата болница во Кочани 


Фото: Б. Грданоски

Ново амбулантно возило за транспорт на пациенти доби ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Кочани, како донација од АД Комерцијална банка – Скопје.

Вoзилото „фиат дукато“ е комплетно опремено со неопходните медицински помагала за итна интервенција, носила, систем за давање кислород и за пренос на пациенти. Приоритетно ќе се користи за интервенциите на итната медицинска помош, а по потреба и за другите одделенија во Болницата.

-Упатуваме благодарност до менаџерскиот тим и вработените во Комерцијална банка, кои позитивно одговорија на нашиот повик до општествено одговорните компании во државата да ни помогнат, секоја според своите можности. Донирањето на ова возило ќе ни помогне навремено и брзо да ги транспортираме пациентите до други здравствени установи. Веднаш по пристигнувањето во кругот на болницата, тоа уште претпладнево беше ставено во функција со превезување пациент на ортпопедската клиника, истакна Кристина Серафимова, директорка на Општата болница.

Во март, банката донираше ново возило за Брза помош за Општата болница во Кочани, а банката ќе обезбеди финансиска поддршка од 30 милиони денари (485.000 евра) за новата фондација „Заедно за едно“, основана во рамките на Македонската банкарска асоцијација за да помогне на повредените и семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март. Овој износ банката ќе го донира на Фондацијата за 2025 година, а за наредните години, согласно потребите на настраданите и можностите на банката, ќе се носат посебни одлуки.

Комерцијална банка е и еден од основачите на фондацијата „Заедно за едно“, која има за цел да обезбеди долгорочна финансиска поддршка и грижа за настраданите лица и за нивните најблиски.