Колку заработија Алкараз и Ѓоковиќ во финалето на Вимблдон


Лондон – Карлос Алкараз (21) втора година по ред е победник на Вимблдон. Исто како и лани, во финалето го победи 16 години постариот Новак Ѓоковиќ, но овој пат тоа го направи на многу убедлив начин со 3:0 во сетови. Финалето на Вимблдон заврши 6:2, 6:2, 7:6.

Голема добивка во финалето остварија финалистите на овогодинешниот Вимблдон, на кои трофеите лично им ги врачи британската принцеза од Велс Кејт Мидлтон, која се опоравува од лекувањето од рак. Поразениот Ѓоковиќ освои 1,66 милиони евра, додека Алкараз е побогат за 3,2 милиони евра. Ѓоковиќ е најплатениот тенисер во историјата. Со оваа награда тој оствари вкупно околу 168 милиони евра заработка во кариерата само од награди од турнири.

Вкупниот награден фонд за сите категории изнесуваше импресивни 59 милиони евра.

Финалниот меч на овогодинешниот Вимблдон беше сосема поинаков од нивната минатогодишна битка, но на крајот резултираше со истиот исход – победа на Алкараз. Шпанецот доминираше во првите два сета, но Ѓоковиќ успеа да се врати во третиот сет, подгревајќи ги надежите на неговите многубројни фанови дека сепак ќе го освои својот 25. Грен слем.

Алкараз, сепак, успеа да го освои третиот сет и да стане најмладиот машки тенисер кој ги освоил Вимблдон и Ролан Гарос во истата година.

Освен што ова е втор Вимблдон освоен за младиот Шпанец, тоа е и четврти Грен слем во неговата кариера.