Колку работите се променија: Сега Албанија ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ


Елиса Спиропали и Тимчо Муцунски

 

Пред неколку години зборовите од една прес-конференција во Скопје, како денешната, би изгледале нереални. Денес се хиперреални.

Министерката на Албанија за Европа и надворешни работи, Елена Спиропали, на прес-конференцијата со својот домаќин, Тимчо Муцунски, изјави дека нејзината земја „силно ја поддржува Македонија на европскиот пат“. И додаде: „Албанија го поддржува интегрирањето на Македонија во Европската унија, затоа што делиме заедничка иднина и затоа што овде живее еден држвотворен народ, којшто е 33 проценти според последниот попис“.

Податокот што го изнесе Спиропали пред Муцунски е невистинит, затоа што според последниот попис Алабнци како резидентно население има 24,3 отсто, а нерезидентно заедно со попишаните од дијаспората 29,5.

Оваа реплика на Спиропали е дел од зголемената самодоверба на Албанија на нејзиниот ракетен пробив во преговорите со ЕУ, во кои ги отвори сите шест кластери за само 13 месеци. Албанија е целосно посветена на интеграцијата во ЕУ, а тоа се гледа и во функцијата на Спиропали – министер за Европа и надворешни работи.

Муцунски зборуваше дека културните врски меѓу двете земји се силни, како и во делот на заштита на македонското национално малцинство во Албанија.

„Со Елиса често се гледаме во последниот период, на многу различни форуми, насочени кон нашите заеднички приоритети. Посебно ме радува што во рамките на нејзиниот мандат како министер за европски прашања и надворешни работи одлучува една од нејзините први посети во регионот да биде токму во Скопје“, рече Муцунски.

Спиропали посебно потенцираше дека европската интеграција е број еден во надворешната политика на Албанија, но и на албанскиот народ.

„За нас во Албанија е големо постигнување е што за 13 месеци отворивме 34 поглавја. Особено во делот на правото, борбата против корупцијата и почитувањето на малцинствата. Уште еднаш се покажа дека нашиот пат е вистинскиот. Овој процес не го гледаме како натпревар меѓу земјите кандидатки, туку како пат, кој го одиме заеднички, дестинација која е незибежна и приородна припадност на нашите народи“, посочи Спиропали.