Колку луѓе во Министерството за финансии изработуваат, проверуваат и даваат согласност за документ
Опозициската СДСМ денеска преку соопштение го нагласија уште еднаш она што го кажа нивниот лидер, Венко Филипче, вчера на прес-конференција – дека Владата донела одлука за можно задолжување на нови 1,3 милијарди евра. СДСМ вели со овој потенцијален кредит за само две години власта ја задолжува државата со околу 4 милијарди евра нов долг.
Ако се оствари оваа најава 2026 година ќе заврши со околу 12 милијарди евра долг, односно над 65 отсто од БДП. Во соопштението на СДСМ се наведува дека во последниот ребаланс на Буџетот не е предвидено ова ново задолжување од 1,3 милијарди евра и дека поради тоа што министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска работи спротивно на Законот за буџет следи кривична одговорност.
Тоа е соопштението. Заедно со него се прикачени два оригинални документи за барањето на министерката Димитриеска-Кочоска. Вториот е особено интересен. На него се наведени дури 11 лица кои работеле во подготовката и изработката на барањето. Двајца го изработиле, еден го контролирал, еден го проверил, еден го одобрил еден дал согласност; потоа се наведени уште четири лица кои изгледа имале дополнителна проверка, а уште едно кое е последно наведено дека дало согласност.
Зошто толку? Дали никој не сака да преземе посебна одговорност за толку големо задолжување кое доаѓа ненадејно? Па би било подобро тоа да биде групна одговорност. Иако на барањето е потпишана министерката Гордана Димитриеска-Кочоска. Или има толку голема вработеност во Министерството за финансии па на секој треба да му се најде некаква работа.