Колективниот договор за култура по втор пат се најде пред Уставниот суд, реагира СКРМ

„Знаеме дека премиерот Мицкоски е свесен дека „културата е темелот врз кој се гради една нација“ – негови лични зборови“


Фото: Б. Грданоски

Синдикатот на културата на РМ реагира со соопштение по  претставката поднесена до Уставен суд, со која се прави обид за скратување на стекнатите права на вработените во културата.

Соопштението ви го пренесуваме интегрално. 

„Почитувани,

Во месец август 2025г вработените во културата го добија вториот удар – овојпат преку највисоките државни инстанци. Во својата кратка, но бурна историја, Колективниот договор за култура по втор пат се најде пред Уставниот суд.

Кога ќе ја прочитате поднесената претставка, воздивнувате од неверица. Тешко е да поверувате дека околу нас постојат луѓе кои, немоќни да се изборат за сопствена подобра реалност, единствениот излез го гледаат во обидот да ја рушат реалноста – и иднината – на другите. Нивниот избор да тапкаат во место и да чекаат „некој друг“ да им го донесе подоброто утре, според нив, е модел кој сите треба да го следиме.

Суштината на претставката е следна: зошто вработените во културата би имале подобри права од останатите? Подносителот смета дека тоа е противуставно – дека Колективниот договор за култура ги става во понеповолна положба сите кои немаат такви права. Просечноста, па дури и потпросечноста, е парадигмата кон која, според него, сите треба да се стремиме. „Противуставно“ е, според овој став, тоа што 3.500 вработени во културата конечно почнаа да излегуваат од живата кал, добија вреднуван труд, донекаде и услови за работа, и зачеток на можности за напредок и доусовршување – темел врз кој цврсто ја градат својата нација.

Зад оваа мизерна претставка, насочена против илјадници културни работници, основано се сомневаме дека стојат разно-разни чиновничиња, службеничиња, советничиња, раководителчиња, државни секретарчиња, министерчиња и по некој “бивш синдикалец” во друго руво, кои преку погазување на другите се надеваат на личен напредок во кариерата. А има и такви за кои тоа не е прашање на кариера, туку на лична фрустрација и омраза кон туѓата стабилност. Секоја сличност со старата македонска поговорка – не е случајна.

Не се случајни ниту обидите за поткопување на правата стекнати со Општиот колективен договор и кратењето на 3% од оние 10% кои ги доби целиот јавен сектор. Вработените во културата денес се сардисани од сите страни.

Овие денови, огромен број луѓе работеа интензивно на одговорот до Уставниот суд. СКРМ го поднесе одговорот од името на сите вработени во културата – едни директно засегнати, други згрозени од мотивите на неколку поединци кои се обидуваат да срушат нешто за кое културните работници се бореа со години. Во таа борба вложија труд адвокати, членството, претседателите, претставниците – сите трпеливо и макотрпно, исто како и досега, фанатично бранeјќи ги правата од секој напад на недобронамерниците.

Знаеме дека премиерот Мицкоски е свесен дека „културата е темелот врз кој се гради една нација“ – негови лични зборови. Но исто така знаеме дека кога ќе станете функционер, особено премиер, меѓу вас и народот се спушта стаклено ѕвоно, зад кое информациите стигнуваат искривени – пренесени токму од разно-разни чиновничиња, службеничиња, советничиња, раководителчиња, државни секретарчиња и министерчиња. Поради нив, кои случајно дошле до своите „пет минути“ и денес креираат највисоки политики во државата, културните работници не успеаја да дојдат до средба со премиерот, за да ја образложат својата позиција: одбрана на Колективниот договор и на стабилноста на културните работници – темелот врз кој се гради културата.

Затоа, судиите на Уставниот суд ги повикуваме да застанат во одбрана на Уставот и законите на Република Македонија – исто како што веќе еднаш постапија и сосема оправдано не поведоа иницијатива против Колективниот договор за култура.

Почитувани, вработените во културата не се со ништо поинакви од другите граѓани на нашата земја. Сите сме еднакви – и пред законите, и пред Уставот. На вас ви посакуваме успех во вашата борба за права, а ние продолжуваме да ги браниме нашите, со сите средства што ни стојат на располагање.

Запомнете само една работа:

Туѓиот неуспех – не е ваш успех!“