Колеги и пријатели се сеќаваат на Жарко Лаушевиќ, меѓу нив и Милчин и Унковски
Во Белград е објавена нова монографија за Жарко Лаушевиќ, кој во 2023 почина на 63-годишна возраст, по кратко и тешко боледување. Легендарниот црногорски актер и писател и еден од најпопуларните екс-ју глумци, беше познат по филмовите како „Хасанагиница“, „Игмански марш“, „Лазар“, „Јагоди во грло“, „Доброволци“, „Убавината на порокот“, „Шмекер“ „Сив дом“, „Офицер со роза“, „Лето“, „Црн бомбардер“, „Кажи зошто ме остави“… Неговата богата кариера беше прекината во 1993 година, кога беше осуден за двојно убиство во Црна Гора, по трагедијата кога тој и неговиот брат беа нападнати од група насилници и Жарко, бранејќи се себе и брата си, пукал во двајца од толпата, а трет беше тешко ранет. Беше осуден на 15 години затвор, а кога тогашниот Сојузен суд ја укина пресудата, Лаушевиќ повторно беше изведен на суд во февруари, 1998 и осуден на 4 години затвор. Бидејќи уште пред да му биде изречена пресудата, одлежа четири и пол години, беше пуштен на слобода и замина за САД. Следеа нови обвинувања и казни, но во 2011 година беше помилуван од тогашниот српски претседател Борис Тадиќ, а прв пат дојде во Србија во 2014.

Лаушевиќ последниве години напиша две книги , „Годината поминува, денот никогаш“ и „Втора книга: Дневникот на едно ропство“, кој на македонски ги објави „Три“.
Новата монографија за Лаушевиќ ја објави издавачката куќа „Хипатија“ и Филмскиот центар на Србија, чија уредничка е Радмила Станковиќ.
Монографијата е резултат на обемна работа на авторите кои напишале текстови за поединечни актерски сегменти на уметникот, заедно со сеќавањата на повеќе од педесет соговорници кои сведочеле за работата со Жарко во театарот, филмот и телевизијата, како и на неговите пријатели. Александар Саша Милосављевиќ, драматург, театарски критичар и театарски експерт, на почетокот од книгата раскажа театарска приказна за 27-те театарски улоги на Лаушевиќ одиграни од 1976 до 2000 година. Детално, со бројни информации, од кои многу се достапни за јавноста за прв пат, Милосављевиќ остава вредно сведоштво, сеопфатна студија за сите идни театарски историчари и љубители на книгата. Режисерот Владимир Милчин за прв пат пишуваше за тоа што се случило околу претставата „Свети Сава“. Неговиот текст е дел од сеќавањата за Жарко напишани од Слободан Унковски, Ирфан Менсур, Воја Брајовиќ, Тони Лауренчиќ, Цвијета Месиќ, Божо Копривица, Весна Тривалиќ, Мима Караџиќ, Љиљана Тодоровиќ, Снежана Богдановић, Харис Пашовић, Жељко Џек Димић и Ђорђе Матић.
Маријана Терзин Стојчиќ, стручен соработник за домашен филм во Југословенскиот филмски архив, направи информативна анализа на најзначајните улоги на актерот, од 34-те што ги има снимено на филм. Многу интересни факти и детали од работата со Лаушевиќ опишаа Светозар Цветковиќ, Здравко Шотра, Славко Штимац, Радослав Рале Зеленовиќ, Зоран Амар, Маја Митиќ, Олег Новковиќ, Милица Михајловиќ, Владан Дујовиќ, Петар Божовиќ, Драгана Мркиќ, Рагук Багаш Драшковиќ, Снежана Синовчиќ-Шишков, Лука Бајто, Мирослав Лекиќ и Петар Бенчина.
Бранка Оташевиќ, телевизиска критичарка, го подели телевизискиот опус на Лаушевиќ од 33 улоги во два круга на слава. За улогите што ги сочинуваат тие моќни кругови, и како снимаше до последниот здив, зборуваа неговите најблиски соработници, режисери и колеги: Дарко Бајиќ, Бранислав Лечиќ, Борис Гортински, Бранко Ѓорѓевиќ, Милан Караџиќ, Ивана Зечевиќ, Паулина Манов, Нела Михајловиќ, Ваја Дујовиќ, Сергеј Трифуновиќ, Игор Ѓорѓевиќ, Драган Миќановиќ, Весна Чипчиќ, Горан Шушљик, Војин Ќетковиќ, Небојша Дугалиќ и Иван Ивановиќ.
Вида Огњеновиќ, режисерка и писателка, член на Српската академија на уметностите, е застапена во Монографијата со дел од нејзините текстови што ги напиша по повод книгите што ги објави Жарко Лаушевиќ. Ги има вкупно четири.
Меѓу пријателите кои откриваат зошто се дружеле со Лаушевиќ, зошто го сакале и ценеле, се Светлана Бојковиќ, Уликс Фехмиу, Владе Дивац, Толе Зуровац, Сузана Петричевиќ, Ранко Гак, Саша Јовановиќ, Зоран Шутиќ Шуле, Далибор Дуганџија, Мирослав Гак, Вита Маврич, Зоран Голубовић, Владан С. Бојић и Ана Мариа Роси.
Монографијата е опремена со голем број документарни фотографии, главно од приватната архива на Жарко и Анита Лаушевиќ. Насловната страница ја потпишува Небојша Бабиќ. Извонредниот дизајн е придонес на Изабела Мартинов Томовиќ. (Политика.рс)