Колапс на автоиндустријата во Русија


Производството на автомобили во Русија доживеа колапс откако големите произведувачи на автомобили ја напуштија земјата, а западните влади воведоа санкции за Русија како одмазда за нејзината инвазија на Украина.

Русија во мај произведе 3.700 авотмобили, 97 отсто помалку од истиот месец лани, објави државната агенција за статистика Росстат.

Производството вариваше од 95.000 автомобили во јануари и 108.000 во февруари пред да падне на 40.800 во март.

За половина помалку од лани

Русија од јануари до мај годинава произведе вкупно 268.000 возила, што е двојно помалку од истото време лани.

Производството на камиони и автобуси во мај падна за речиси 40 отсто, односно 6,5 отсто во однос на мај 2021 година.

Руската автомобилска индустрија вработува 300.000 луѓе, а уште 3 милиони во сродните индустрии.

Само две од 20 фабрики за автомобили останаа во Русија откако големите производители на возила го сопреа произвоството и продажбата поради инвазијата на земјата врз Украина.

Продажбата на „лада“ падна за 84 отсто

Продажбата на најпопуларната и најраспространета марка автомобили во земјата „лада“ падна во мај за речиси 84 отсто, соопшти Здружението на европски производители.

Министерот за индустрија Денис Мантуров го припиша зголемувањето на цената на возилата на растот на инфлацијата која изнесува 30 отсто, на растот на цените на деловите и падот на курсот на рубљи.

Претседателот Владимир Путин нареди нова стратегија порано во јуни за драстично да се намали зависноста на руската автомобилска индустрија на странската технологија и да се осигура нејзината „глобална конкурентност“.