Кокаин во поларизирана Македонија
АЛЕКСАНДАР НИКОЛОСКИ
Насловот на колумнава, почитувани читатели, ги определува двете теми за кои ќе пишувам и говори многу за реалноста денес во Македонија. Свесен сум дека оваа колумна ќе наиде на негирање од власта, на игнорирање или на објаснување дека претерувам и не е така, но за ова што пишувам ве повикувам да погледнете околу себе и самите да донесете заклучок.
Скандалот со пратеникот Павле Богоевски би сакал да го искористам само како повод да отворам една далеку поголема тема за која и претходно сум пишувал. Едноставно е – во Македонија, според она што го слушаме и гледаме, дрогата никогаш не била пораспространета, подостапна и, затоа што има многу понуда, е поевтина! Тоа го убива нашиот народ. Пред сè нашите деца! Како никогаш порано дрога, пред сè кокаин, има во средите училишта, факултетите, студентските домови и секако во се она што е ноќен живот. Ја има на улица, ја има во секој ќош околу вас. За ова не треба посебна аналитика или сознанија. Сите што излегле навечер или имаат контакт со новата генерација тоа го гледаат околу себе, за жал. Да е проблемот поголем дилерите, оние што продаваат скоро и да немаат страв и тоа го прават полујавно. Ако во минатото се криеле, сега јавно ја продаваат. Затоа што никој не ги гони и апси!
Да сме на чисто, дрога имало од секогаш во Македонија, како што ја има и во светот, но никогаш толку многу како сега. Ако во минатото во наводници најхрабрата работа што средношколците или студентите ја правеа беше да се опијат – за што добиваа добри воспитни кога ќе се вратат дома, сега е отидено неколку неславни чекори напред и се оди пред сè на кокаин, за кој родителите и не можат да им дадат воспитна зашто кога ќе забележат дека нивното дете користи, веќе е доцна. Има цел систем на алтернативен маркетинг кој не може да го видите на медиумите, но го има помеѓу младите со кој кокаинот се претставува како нешто што и не е така штетно, од што не се создава зависност и нема никакви компликации. Секако, сето ова е неточно, но така се претставува. Пишувам на оваа тема зашто сум многу загрижен каде одиме како општество и како држава, ако дрогата ни ги убива новите генерации. Основното прашање е што прави или поточно зошто ништо не прави владата на Заев да го сузбие тоа? Со исклучок на последната акција на МВР скоро и да нема активности. А, проблемот е толку голем, дрогата е толку распространета што таква акција треба да се спроведе во секој средно голем град во државава, а во Скопје секој викенд буквално. Паралелно со тоа треба силна едукативна кампања која би почнувала уште од основно образование, истата да продолжи во средно и на факултетите, кампањата треба да ја има и во медиумите, како и онаму каде што се излегува. Кампањата мора да е силна и јасна. Во минатото такви кампањи имаше. За жал, сега ги нема. Кога бев во средно образование, скоро на раб на ерес и отфрлање од општеството беше изложен секој што дури би помислил да користи дрога. И тоа беше добро затоа што јасно се знаеја штетните последици и никој не пробуваше. Сега не го гледам тоа! Исто така, со години не сме слушнале дека на кој било граничен премин е запленета поголема пратка на дрога. Се поставува прашањето – како Владата дозволува граничните премини да се толку порозни? Повторувам, проблемот е толку голем што доведува до епидемиски размери. Ако кој било од Владата мисли дека претерувам или дека ова го кажувам како опозициски политичар кој сака да добие некој политички поен, му посочувам само да погледне околу себе, неколку вечери да излезе во било кој клуб и се ќе му биде јасно. Ако порано најмногу луѓе имаше околу шанковите, сега најмногу луѓе има кон тоалетите. Тоа не е случајно!
Низ неуспехот за силна и одлучна борба со нелегалната трговија со дрога практично и на дело се покажува целата неспособност на Заев и владата која ја води. Нема ниту капацитет ниту човечки и кадровски потенцијал кој може да се справи со ова, или можеби не сака! Затоа што логично е да се постави прашањето дали можеби некој во власта е дел од нелегалниот бизнис со дрога ако толку многу ја има, а власта не прави ништо да ја сузбие. Нека биде ова фрлена ракавица од мене и нека проба Владата со своите активности да ме демантира.
На оваа тема би сакал да надоврзам уште една – поделеноста и поларизираноста во општеството пред сè во македонското национално ткиво. Поделеност која е на исто ниво по опасност колку и масовното присуство на дрогата на македонските улици. Низ последниот пример на песна за Евровизија го видовме тоа. На Тамара Тодевска треба да ѝ се честита затоа што имаше одличен настап и направи голем успех. И затоа неправедно беше вовлечена во дискусии кои на ниеден начин не се поврзани со песната ниту со успехот што го постигна. Последниов настан ни покажа нешто друго – дека наметнатите решенија не фаќаат корен! Дека големо огромно мнозинство од македонскиот народ чувствува силна фрустрација од промената на името и по ниедна цена не сака да ја прифати дури и ако се работи за успех на некое поле од уметноста, на кое државата настапува под новото име со сила наметнато од власта. Деновиве Заев, Димитров и останатите најјасно гледаат какво зло направија и колку решението им е неодржливо. Но, наместо да ја прифатат ситуацијата и да признаат пред народот дека згрешиле, прават нешто сосема друго – ги притискаат своите поддржувачи да го бранат тоа ново име и нивната капитулација. Иако знаат дека не се брани. Правејќи го тоа, дополнително го делат македонското национално ткиво, го поларизираат на големо мнозинство кое е против промената и мало малцинство кое слуша партиска наредба на Заев и Димитров. Таа поларизација е пред сè срамна, но уште повеќе катастрофална по иднината на македонскиот народ. Исто штетна како и кокаинот!
Лекот е добро познат, црвен картон за оваа власт и нејзина промена час поскоро. Одговор за проблемите има, за жал, во моментов нема кадарни луѓе со волја да ги решат.
(Авторот е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ)