Која е највисоката плата во Културата? Уставниот суд вели 128.000, а синдикатот тврди 88.900 денари

Ако се укине Колективниот договор од перфектно усогласен ред, хаосот во културата повторно ќе завладее и ќе нѐ турне 30 години наназад, велат од Синдикатот за култура


Операта и балетот (Фото: Б. Грданоски)

 

Уставниот суд вчера отвори постапка за оценување на колективниот договор за култура и во образложението на одлуката наведе дека примањата се движат „согласно прибавените податоци од 45.000 денари основна плата за најниско звање на помошно-технички персонал до 128.000 денари за највисоко звање на даватели на услуги“.

И дека оспорениот Колективен договор за култура опфаќа 74 национални установи со 1.976 вработени и 49 локални установи со уште 492 вработени, односно вкупно 2.345 вработени во 123 установи , носители на културниот живот во државата.

Синдикатот за култура денеска остро реагира на овие наводи за примањата што ги соопштува Уставниот суд и вели дека не се точни. И зошто Министерство за култура, односно министерот Зоран Љутков, не доставил точни информации за основната плата на вработените во културата? „Зошто јавноста постојано се подгрева со неточни информации за платите во културата? Ќе одговара ли некој за оваа неправедна хајка кон вработените во културата?“, велат од синдикатот.

Оттаму ги упатуваат сите, па и судиите во Уставниот суд да го отворат Колективниот договор да ги видат коефициентите, да се поможи, извади и ќе се дојде до износот на платите. Постапката е лесно проверлива, велат од синдикатот.

Според него, најниска плата во културата согласно усогласувањето во 2026 и коефициентот 1.154 основна плата во културата за хигиеничар е 32.217 денари.

„Според дезинформациите кои ги добил Уставниот суд, најниската плата е 45.000. Тоа се 12.783 денари повеќе, пари кои не постојат на сметките на вработените“, велат од синдикатот.

На истиот начин според Колективниот договор синдикатот ја пресметува највисоката плата во културата според шифрата КУЛ 03 04 А01 и коефициент 3.265. Тоа се однесува за балетски играч првенец, актер првенец, оперски солист првенец, диригент. Со усогласувањето во 2026 највисоката нето плата е 88.964 денари. „До оние 128.000 денари на Уставниот суд, има разлика од цели 39.000 денари“, велат од синдикатот.

Оттаму уште додаваат:

„Ако ги погледнете работните позиции, групите и категориите во Колективниот договор, ќе забележите дека на најголем дел од работните места во културата, на кои работат мнозинството од вработените во институциите или на речиси 80 проценти од нив, и со ова последно усогласување на минималецот, платите им се движат во амплитудата од 35.000 до 55.000, односно во рамките на просечната плата. Ако сето ова се укине, хаосот во платите и во работните места ќе се врати. Од перфектно усогласен ред, хаосот во културата повторно ќе завладее и ќе нѐ турне 30 години наназад“.