Кој ќе мора да оди во пензија на 64 години ?


На новинарско прашање колку лица ја користат можноста да се пензионираат на 67 години во насока на новиот предлог-закон, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска информира дека предлогот доаѓа од група пратеници, а би требало да оди како пакет закони.

– Бројката не е голема за да има финансиско оптоварување, но секако на овој начин се дава можност за вработување на млади лица од една страна, а од друга страна Законот за работни односи се регулира така што  работодавачот ќе може да се договори со работникот доколку тој е продуктивен и двајцата имаат интерес и понатаму, и после 67 години, да продолжи да работи. Ни се случува во многу сектори да има одредени кадри што се бараат – изјави Царовска.

На прашањето дали ова ќе важи само за јавниот сектор, министерката Царовска одговори дека бизнис секторот нема потреба да не го продолжува работниот однос за кој има потреба.

– Јавната администрација со години се обидуваме да ја реформираме и да ја ослободиме. Со ова мислам дека добиваме дополнителна стартна позиција да влезат во неа и младите  кои се кадарни и имаат капацитет и квалитет, а оние повозрасните да се пензионираат. Во бизнис секторот доколку компанијата има потреба да ја зголеми продуктивноста со одредено возрасно лице, може да остане во компанијата – појасни таа.

Премиерот  Зоран Заев дополни дека кога предлог-законот ќе дојде за мислење во владата, ќе се направат анализи на колку лица се однесува.

– Законот мора да важи за сите.Не може само за јавната администрација или за приватниот сектор. Никогаш, согласно Уставот, никој не ги ограничува правата на граѓаните, ако работодавачот и работникот се договорат да ја одложат пензијата, Уставот го гарантира правото на слободно одлучување. Но, законските решенија се нешто кое дефинитивно ќе отвори нови работни места за младите без разлика дали е во приваниот сектор, но и во мал дел во јавната администрација – додаде Заев.