Кој е советникот на Трамп кого Маск го нарече идиот?

Илон Маск и Петер Наваро, најблиските советници на актуелниот американски претседател Доналд Трамп, влегоа во отворен конфликт околу американската трговска политика кон Европската унија.
Маск, кој го предводи таканаречениот Оддел за владина ефикасност (ДОГЕ), задолжен за намалување на федералните трошоци, во саботата на италијанската десничарска партија Лига ѝ порача дека сака целосно слободна трговија меѓу САД и Европа.
Неговата изјава дојде само неколку дена откако Трамп воведе низа царини за речиси секоја земја во светот, вклучително и ЕУ, што предизвика пад на берзите и загриженост кај економистите и финансиските институции.
Иако Маск досега главно молчеше за тарифите на Трамп, падот на цената на акцијата на Тесла го натера јавно да го нападне Наваро, кој многумина го сметаат за главен идеолог на таканаречениот „Ден на ослободување“ – пакетот тарифи што Трамп деновиве го објави. Маск објави серија навреди на платформата X против Наваро, кој потоа возврати во интервју за Си-Ен-Би-Си.
Што се случи меѓу Маск и Наваро?
Откако Наваро, економист образован на Харвард, се појави на Си-Ен-Ен и ги бранеше тарифите на Трамп, Маск му се потсмеваше на X за неговото образование.
„Д-р по економија од Харвард не е предност, туку недостаток“, напиша Маск. „Тоа резултира со тоа што егото е поголемо од интелигенцијата“. Исто така стави лајк на мем во кое се исмева академската кариера на Наваро.
На коментарот на еден корисник кој застана во одбрана на Наваро, Маск одговори: „Тој не изгради ништо“.
Наваро, од друга страна, за Си-Ен-Би-Си изјави дека повикот на Маск за „нула тарифи“ не го изненадува бидејќи, како што вели, „тој само монтира автомобили, а не е производител“.
„Тој не е производител на автомобили, тој составува автомобили“, рече Наваро, тврдејќи дека многу делови на Тесла доаѓаат од Јапонија, Кина и Тајван. „Тој сака евтини странски делови. Тоа го прави“.
Кој е Петер Наваро?
Петер Наваро (75) е американски економист и советник на Трамп за трговија и индустрија. Со Трамп првпат официјално соработуваше во неговиот прв мандат, кога го предводеше новоформираниот Национален трговски совет, а потоа и Канцеларијата за трговија и индустриска политика.
Роден е во Кембриџ, Масачусетс, а откако неговите родители се развеле, тој се преселил со мајка му на Флорида. Дипломирал на Универзитетот Тафтс и докторирал економија на Харвард. Во 2001 година се ожени со калифорниската архитектка Лесли Лебон, од која подоцна се разведе. Тој во моментов е свршен со жена по име Бони, според весникот „Тајмс оф Сан Диего“.
Беше во затвор
Во јануари 2024 година, тој беше осуден на четири месеци затвор за непочитување на Конгресот, особено за одбивање да соработува со комисијата што го истражуваше нападот врз Капитол од страна на приврзаниците на Трамп на 6 јануари 2021 година. Набргу по неговото ослободување од затвор, тој зборуваше на републиканската конвенција во август, а Трамп повторно го назначи за советник во декември.
Според судските документи и извештајот на USA TODAY, Наваро е познат по промовирањето на неосновани тврдења за измама на гласачите на претседателските избори во 2020 година. Трамп потоа во изјавата рече дека Наваро бил „ужасно третиран од длабоката држава или како сакате наречете го тоа“ и дека „направил одлична работа во промовирањето на политиката „да купуваме американско, да вработуваме американски““. (Извор: Индекс.хр)