„Кој е следен“- граѓаните со нов протест бараат безбедност и правда (фото)

Протестот е реакција на прегазувањето на Фросина Кулакова и инцидентите со неконтролирано возење и неказнување, кои резултираат со трагични последици


Фото: Б. Грданоски

 

Во Скопје денеска на булевар „Партизански Одреди“ кај Универзална сала започна протест под мотото „Кој е следен?“. Протестот е реакција на прегазувањето Фросина Кулакова и инцидентите со неконтролирано возење и неказнување, кои резултираат со трагични последици. 

„Безбедноста е право, не луксуз“, „Ако корумпиран систем живее, народот умира“, „Денес правда за Фросина, утре за сите нас“, „Не е кобно местото, туку луѓето и системот“, „Her future stolen, his privilege exposed“, „Партизанска не е Формула1“, „Улиците не се тркачки патеки“ се дел од транспарентите, кои ги носат учесниците на протестот.

Фото: Б. Грданоски

На протестот се присутни и членови на семејството на Фросина Кулакова.

Како што соопштија организаторите, протестот што ќе продолжи кон Собранието на РСМ, Јавното обвинителство, а ќе заврши пред Основен кривичен суд Скопје, има за цел да адресира три главни проблеми: нефункционалност на системот за заштита на децата и младите кои се во судир со законот, недоволна безбедност во градовите и глорификација на девијантно однесување. 

Фото: Б. Грданоски

Организаторите повикуваат на итни мерки за подобрување на координацијата меѓу институциите, обезбедување на безбедни услови за живот во градовите и зголемување на јавната свест за последиците од неказнивоста и девијантното однесување.

Фото: Б. Грданоски

Фросина Кулакова од Неготино на 29 јануари годинава беше прегазена додека поминуваше пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во близина на Универзалната сала во Скопје. 

Фото: Б. Грданоски

Дваесет и двегодишната девојка беше прегазена од дваесетгодишниот Васил Јованов од Скопје, кој возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло, додека таа минувала на пешачки премин.

На 20-годишниот скопјанец осомничен за смртта на Фросина му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна незгода и за недозволена употреба на дрога. 

Фото: Б. Грданоски

Граѓаните во Скопје одржаа мирен собир и во петокот, кога запалија свеќи и положија цвеќе пред фотографијата на Фросина. Преку написите како „Врските не враќаат човечки живот“ и „Не е несреќа, туку убиство“ тие маршираа до Собранието на РСМ и Кривичниот суд и побараа одговорност од институциите за Фросина и за сите жртви во сообраќајни незгоди.

Мирен собир се одржа и во Неготино, родниот град на Фросина, како и во Кавадарци.