Кој е рецептот за светски бестселер? Книжевен разговор во „Јуроп хаус“ на 28 април

„Може ли една уништена бајка да има среќен крај? Која е мистериозната авторка Ерин Дум? Кој е рецептот за светски бестселер?“
Ова се само дел од прашањата на кои ќе бидат одговорени на настанот „Мистериозната Ерин Дум зад книжевниот феномен ‘Солзотворец’“, посветен на едно од најновите изданија на Издавачки центар ТРИ.
Интернационалната книжевна сензација „Солзотворец“ од современата италијанска авторка која пишува под псевдонимот Ерин Дум, го заведе светот со темната романса на главните протагонисти Ригел и Ника.
Книжевниот разговор ќе се одржи на 28 април (понеделник) во „Јуроп хаус“ во Скопје, со почеток од 19 часот. За романот ќе разговараат Радица Никодиновска, преведувачка на романот од италијански на македонски јазик, и македонската книжевничка Весна Мојсова-Чепишевска како промоторка.
„Си било еднаш едно темно сиропиталиште. Таму живее Ника, чии приказни не носат светол крај, туку ја кријат тајната на Солзотворецот – сеништен човек кој создава кристални солзи со кои ја проникнува душата на луѓето. Кога Ника се сели кај своето ново семејство, се чини дека конечно ќе се ослободи од него, но тој е повторно тука, овој пат криејќи се во Ригел, уште едно посвоено дете со кое Ника го дели новиот дом. За да можат да бидат заедно, мора да се помират со деструктивната љубов пред таа целосно да ги уништи, да ги осветлат темнината на своето минато и опасните влогови на заедничката иднина. Од непријатели до љубовен пар – романтичната приказна на Нигел и Ника ги освои срцата на помладите читатели од Генерацијата Зет и ова дело стана вирален хит на Тикток“, велат од ТРИ, организатори на настанот.
Тие дополнуваат дека „Солзотворец“ е првично објавен на книжевната платформа „Ватпад“ во 2017 г. По огромниот интерес кај читателите, италијанската издавачка куќа „Магаѕини Салани“ во 2021 г. го објавува преработеното издание. Во 2022 г. романот веќе станува бестселер, задржувајќи се на првото место на листата на најпродавани книги пет недели по ред, а веќе во 2024 година романот доби и своја филмска адаптација во продукција на „Нетфликс“.
Д-р Радица Никодиновска е редовен професор на Катедрата за италијански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, каде што магистрирала и докторирала. За својата преведувачка активност и за промоција на италијанската култура во РСМ е добитничка на неколку високи награди и признанија. Има преведено четириесетина книжевни дела од италијански на македонски, меѓу кои во последните години се истакнуваат романите од „Неаполската сага“ на Елена Феранте, како и „Лажливиот живот на возрасните“ од истата авторка, „Шеесет раскази“ од Дино Буцати, „Италијански приказни“ од Итало Калвино, „Славната инвазија на мечките во Сицилија“ од Буцати, „Поликсена со прасето“ од Бјанка Пицорно и уште многу други, кои спаѓаат во самиот врв на преведената книжевност кај нас.