Кој е Екрем Имамоглу, главниот ривал на Ердоган, и зошто беше уапсен?
Властите велат дека бил вмешан во корупција, но аналитичарите тврдат оти неговото апсење има политички мотиви

АНКАРА – Екрем Имамоглу, градоначалникот на Истанбул и популарна личност, уживаше во сјајот на она што тој често на шега го нарекуваше свое политичко чудо – единствената личност што ја победи владејачката партија на Реџеп Таип Ердоган не на еден, туку на три локални избори.
Во средата, десетици полицајци упаднаа во неговата резиденција околу зори и го приведоа на сослушување како дел од истрагата за наводна корупција и поврзаност со тероризмот.
Многумина сметаат дека апсењето е дел од поширока кампања за поткопување на градоначалникот и елиминирање на клучниот предизвикувач на Ердоган пред следните претседателски избори. Овој потег ја зголеми загриженоста за правичноста на идните избори под водство на Ердоган, кој станува сѐ поавторитарен за време на неговото повеќе од две децении владеење како премиер и претседател.
Тоа е, исто така, последното во низата репресии против противниците и неистомислениците во Турција во последниве години.
Кој е Екрем Имамоглу?
Кога 53-годишниот бизнисмен и поранешен окружен градоначалник беше избран да се кандидира за градоначалник на најголемиот турски град и економски центар во 2019 година, тој беше главно непозната личност и многу скептици се сомневаа во одлуката. Поранешниот лидер на неговата просекуларна Републиканска народна партија, или ЦХП, ги увери критичарите дека штом луѓето ќе го запознаат, неговиот шарм ќе одекне кај гласачите.
Имамоглу победи на изборите, задавајќи историски удар на Ердоган и на Партијата на правдата и развојот на претседателот, кои го контролираа Истанбул четвртина век. Загубата на Истанбул голем чекор назад за Ердоган, кој самиот ја започна својата политичка кариера како градоначалник на метрополата од 16 милиони луѓе.
Имамоглу можеше да ја извршува функцијата градоначалник само 18 дена пред да биде поништен изборниот резултат и да му биде одземен мандатот поради наводни гласачки нерегуларности.
Предизвикот резултираше со повторување на изборите неколку месеци подоцна, на кои и Имамоглу победи – со поголема разлика.
Во тогашното интервју за Асошиетед прес, Имамоглу рече: „Верувам дека народот на Истанбул ќе го даде потребниот одговор на оваа неправда на гласачките места како резултат на нивната верба во демократијата. И ако даде Бог, победници ќе бидат Истанбул и демократијата“.
Градоначалникот победи на минатогодишните локални избори кога ЦХП оствари значителни придобивки во услови на остар економски пад.
Во недела, ЦХП требаше да одржи прелиминарни избори на кои Имамоглу треба да биде номиниран за свој кандидат за претседател. Лидерот на партијата рече дека прелиминарните избори ќе се одржат и покрај притворот на Имамоглу.
Зошто беше уапсен?
Рацијата во резиденцијата на Имамоглу и неговото апсење уследија откако обвинителите на Истанбул издадоа налози за апсење на градоначалникот и повеќе од 100 други лица како дел од истрагата за наводна корупција, според државната агенција Анадолија.
Осомничените се обвинети за наводен рекет и мноштво други финансиски кривични дела.
Градоначалникот е осомничен и за помагање на забранетата Курдистанска работничка партија или ПКК, со наводно формирање сојуз со курдска чадор организација за општинските избори во Истанбул. ПКК е наведена како терористичка организација на Турција и нејзините западни сојузници.
ЦХП и другите опозициски критичари гледаат политички мотивиран заговор против еден од најпопуларните турски политичари и ја обвинуваат владата на Ердоган дека извршила „пуч“ за да го спречи неговиот политички подем. Министерот за правда ги отфрли тврдењата за наводен владин притисок врз судовите, инсистирајќи дека судството постапувало непристрасно.
Анкетите во Турција укажуваат на мало водство на ЦХП пред партијата на Ердоган.
Еден ден пред неговото апсење, Универзитетот во Истанбул ја поништи дипломата на Имамоглу, наведувајќи ги наводните неправилности при неговиот трансфер во 1990 година од приватен универзитет во северен Кипар на Факултетот за бизнис администрација.
Одлуката без преседан практично го дисквалификува политичарот да се кандидира за претседател. Според турските закони, само дипломирани студенти можат да имаат претседателска функција. Имамоглу рече дека правно ќе ја оспори одлуката.
Дури и пред неговото апсење, Имамоглу се соочи со низа правни предизвици, вклучително и наводи за обид за влијание врз судски експерт кој ги истражува општините предводени од опозицијата и наводно се заканувал на обвинител. Случаите може да резултираат со затворски казни и политичка забрана.
Во 2022 година, тој беше осуден за навреда на членовите на Врховниот изборен совет на Турција по поништувањето на трката за градоначалник во 2019 година и осуден на повеќе од две години затвор. Тој ја обжали својата осуда, која исто така може да му забрани вршење јавна функција, и остана на слобода во текот на тековниот процес.
Репресии врз противниците на Ердоган
Последните месеци во Турција беа забележани бран апсења и репресии насочени кон политички фигури и активисти, вклучително и новинари и избрани градоначалници кои беа сменети од функцијата и заменети со функционери назначени од владата.
Двајца деловни лидери беа накратко приведени и сега се соочуваат со кривично гонење поради критикување на политиките на владата. Менаџерката за таленти која застапува неколку турски актери беше уапсена во јануари и обвинета за обид за соборување на владата за нејзината наводна вмешаност во антивладините протести во 2013 година.
Умит Оздаг, лидерот на малата екстремно десничарска партија и отворен критичар на Ердоган, исто така беше уапсен во јануари под обвинение за поттикнување омраза и непријателство, преку серија објави против бегалците на социјалните мрежи.
Меѓу другите уапсени од висок профил се Селахатин Демирташ, популарниот поранешен лидер на турската прокурдска политичка партија, кој беше уапсен во 2016 година под обвиненија поврзани со тероризам и Осман Кавала, бизнисмен и активист за права, кој беше затворен во 2017 година за наводен обид за соборување на владата. Нивниот континуиран притвор и покрај одлуките на Европскиот суд за човекови права за нивно ослободување наиде на меѓународна осуда. (АП)