Кои се олигарсите на Путин погодени со санкциите на Бајден?

„Доаѓаме по вашиот нефер стекнат профит“, им порача Бајден на руските олигарси кои станаа или останаа такви благодарение на добрите односи со режимот на Владимир Путин


Новите санкции наметнати од САД за руските олигарси и функционери се своевидно исполнување на заканата што американскиот претседател Џо Бајден им ја упати на руските олигарси во своето обраќање до нацијата во вторникот – дека Америка „доаѓа поради нивното неправедно стекнато богатство“ и дека „повеќе нема да собира милијарди долари преку насилен режим“.

„Американското министерство за правда составува специјална работна група за да го истражи криминалот на руските олигарси. Се здружуваме со нашите европски сојузници за да ги пронајдеме и заплениме вашите јахти, луксузни станови, вашите приватни авиони. Доаѓаме по вашиот нефер стекнат профит“, им порача тој на руските олигарси кои станаа или останаа такви благодарение на добрите односи со режимот на Владимир Путин.

Еве го списокот на луѓе кои ќе бидат санкционирани:

  • Николај Токарев (заедно со неговата сопруга Галина, ќерката Маја и неговите две компании за луксузни недвижности)
  • Борис Ротенберг (заедно со неговата сопруга Карина и синовите Роман и Борис)
    Аркадиј Ротенберг (заедно со синовите Павел и Игор и ќерката Лилја)
  • Сергеј Чемезов (заедно со неговата сопруга Екатерина, синот Станислав и поќерката Анастасија)
  • Игор Шувалов (заедно со неговите пет компании, сопругата Олга, синот Евгени и неговата компанија и авионот и ќерката Марија и нејзината компанија)
  • Евгениј Пригожин (заедно со неговите три компании, сопругата Полина, ќерката Љубова и синот Павле)
  • Дмитриј Песков, портпарол на Путин
  • Алишер Усманов.

САД ќе воведат и визни ограничувања за 19 олигарси и 47 членови на нивните семејства. Ова ќе биде насочено кон олигарсите за кои е познато дека финансираат, значително поддржуваат или спроведуваат злонамерни активности кои ја поддржуваат дестабилизирачката надворешна политика на Русија, пишува Си-Ен-Ен.

Алишер Усманов
Алишер Усманов доби двоен удар затоа што германските власти во средата, како дел од европските санкции против Русија, ја заплениле неговата мегајахта во пристаништето Хамбург, каде што била на сервисирање во бродоградилиштето „Блом + Вос“. Мегајахтата „Дилбар“ вреди речиси 600 милиони долари, долга е 155 метри и е една од најголемите и најскапите во светот.

САД ќе го забранат влезот на неговиот приватен авион, еден од најголемите руски авиони во приватна сопственост. Усманов е еден од најбогатите Руси, според листата на милијардери на Форбс, каде моментално е на 99. место, со имот вреден 17,6 милијарди долари. Тој изгубил 40 милиони долари само во последните 24 часа.

Овој милијардер со узбекистанско потекло богатството го стекна во металургијата, телекомуникациите и медиумите, пред се благодарение на мнозинскиот удел во рускиот металуршки гигант „Металоинвест“. Тој беше и шеф на „Гаспром Инвестхолдинг“, подружница на државниот гасен гигант „Гаспром“, од 2000 до 2014 година. Интересно е што тој најпрво се збогатил со производство на пластични кеси, производи кои биле толку ретки во поранешниот Советски Сојуз што луѓето ги переле и повторно ги користеле.

Усманов, како и некои други руски олигарси (првиот што паѓа на памет, секако е Роман Абрамович), вложил дел од своето богатство во европските фудбалски клубови. Некогаш беше еден од главните акционери на фудбалскиот клуб Арсенал и го продаде својот дел од 30 отсто од акциите во легендарниот англиски клуб во 2018 година за 700 милиони долари. Денеска е спонзорски поврзан со Евертон, кој му ги раскина договорите откако беа објавени санкциите. Во 2018 година пишуваше дека сака да го купи Милан, но тоа не се случи.

Мегајахтата на Усманов „Дилбар“ вплови во Јадранот во 2013 година, а тој и неговата сопруга наводно летото го поминале во Оребиќ на Пељешац, каде, според локалните медиуми, има вила и спортски камп

„Горд сум што го познавам Путин, а тоа што не го сакаат сите не е проблем на Путин. Мислам дека светот не го сакаше ниту Труман по Нагасаки“, изјави еднаш Усманов за неговиот однос со Путин.

Браќата Борис и Аркадиј Ротенберг

Борис и Аркадиј Ротенберг се цел на американските санкции, а Борис беше цел на Британците минатата недела, ден пред инвазијата, но откако Путин ја призна независноста на самопрогласените Народни републики Доњецк и Луганск на суверената украинска територија, што беше очигледно увертира во агресијата против Украина.

„Борис Ротенберг е истакнат руски бизнисмен со блиски лични врски со рускиот претседател“, соопшти Британија, додавајќи дека неговиот брат има семејни врски и со Путин, под чија власт се збогатиле.

Борис Ротенберг (65) и неговиот брат Аркадиј Ротенберг (70) се пријатели на Путин од детството, а Аркадиј е неговиот спаринг партнер во џудо, омилениот спорт на рускиот претседател.

Игор Ротенберг (47) е син на Аркадиј и претседател на одборот на рускиот концерн National Telematic Systems, за кој британската влада во најавата за санкции рече дека „го води бизнисот во транспортниот сектор кој е од стратешко значење за руската влада“. Според магазинот „Форбс“, Борис Ротенберг тежи 1,2 милијарди, а Игор Ротенберг тежи 1,1 милијарди долари.

Борис, пак, е главен акционер на СМП банка, која ја основа во 2001 година заедно со неговиот брат. Истата година станаа партнери во енергетскиот гигант „Гаспром“. Нивните деца студирале на некои од најпрестижните британски универзитети и имаат британско државјанство.

Според американското Министерство за финансии, Аркадиј Ротенберг и неговиот брат Борис долго време се вклучени во омилените проекти на Путин, благодарение на кои браќата стекнале импресивно богатство – „Форбс“ проценува дека Аркадиј Ротенберг вреди 2,5 милијарди долари.

Ротенберг тврди дека е сопственик на „палатата на Путин“ вредна 1,4 милијарди долари
А, Аркадиј Ротенберг беше тој што минатата година, кога сега веќе затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални го обвини Путин дека поседува тајна палата од 1,4 милијарди долари на брегот на Црното Море, рече дека тој е вистинскиот сопственик на палатата, служејќи како алиби на неговиот пријател.

„Пред неколку години успеав да се договорам со доверителите и станав корисник на таа зграда“, тврдеше Ротенберг во интервју објавено на пропутинскиот канал Mash на социјалната мрежа „Телеграм“. Тој додаде дека има намера зградата да ја претвори во хотел.

Ротенберг, кој е роден во 1951 година во Санкт Петербург, тогашен Ленинград, ги завршил студиите по физичко образование, спорт и здравје и станал тренер на џудо.

Меѓутоа, тој го запознал Путин уште порано, како момче, кога и двајцата се запишале во ист клуб за самбо, советската боречка вештина. Ротенберг и Путин заедно тренираа џудо во 1990-тите, а кога Путин стана заменик-градоначалник на Санкт Петербург истата година, Ротенберг обезбеди средства од олигархот Генадиј Тимченко за да основа свој професионален џудо клуб. Аркадиј и Борис Ротенберг во тоа време тргувале и со нафтени деривати.

Кога Путин стана претседател на Русија во 2000 година, по оставката на Борис Елцин, тој ја основа „Роспиртпром“, државна компанија која контролираше 30 отсто од рускиот пазар на вотка – и го постави Ротенберг на чело.

Браќата Ротенберг, сепак, не застанаа тука, туку во 2001 година ја основаа банката SMP, која набрзо почна да работи со рускиот државен гасен гигант „Гаспром“, под многу профитабилни услови за банката на Ротенберг. Бизнисот на Ротенберг продолжи да цвета: тој ја основа енергетската и градежната компанија SGM во 2008 година, купувајќи пет компании од „Гаспром“ за 348 милиони долари. Веќе следната година, SGM имаше над 2 милијарди долари приход.

 

Николај Токарев

Николај Токарев, кој, како и Усманов, е роден во Казахстан, е претседател на „Транснефт“, руската државна компанија за управување со нафтоводи и најголемата компанија во светот, од 2007 година. Во исто време, од 2009 година до денес, тој е и во бордот на директори на „Роснефт“, уште една исклучително профитабилна руска државна компанија за производство, рафинирање и продажба на нафта и гас.

Токарев го запозна Путин додека двајцата беа агенти на советската КГБ и беа на должност во Дрезден, Источна Германија, во 1980-тите. Од 1996 до 1999 година, Токарев работеше во државниот оддел за управување со претседателскиот имот, каде Путин беше заменик-директор во 1996 и 1997 година. Токарев веќе беше цел на санкции од Европската унија.

 

Евгениј Пригожин

Евгениј Пригожин не е меѓу најбогатите Руси, барем не официјално (како и самиот Путин), но тој е многу близок со Путин – всушност, тој е познат како „готвачот на Путин“ затоа што поседува ресторан во кој обично се одржуваат официјални вечери на кои присуствува Путин со угледни странски достоинственици.

А да потсетиме, САД поднесоа обвинение против Пригожин во 2018 година, заедно со уште 12 Руси и руски ентитети, вклучително и неговата компанија „Конкорд Менаџмент“ и „Консалтинг ДОО“. Канцеларијата на американското обвинителство го обвини дека водел пропагандна кампања во 2016 година користејќи „фабрика за тролови“ за да ги дестабилизира САД, односно да се меша во изборите во САД во корист на Доналд Трамп.

Минатата година тој беше додаден на листата на ФБИ на десетте најбарани бегалци со награда до 250.000 долари за информации што ќе доведат до негово апсење.

 

Дмитриј Песков

Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ и еден од најлојалните луѓе на Путин, исто така е веќе на списокот со санкции на ЕУ. Овој син на познатиот руски дипломат Сергеј Песков е со Путин од 2000 година, прво како шеф на одделот за односи со медиумите во кабинетот на претседателот, од 2008 година како прес-секретар на премиерот (кога Путин ја презеде функцијата), а од 2012 година. како портпарол на претседателот.

Иако Песков не е на листата на милијардери на „Форбс“, неговото скриено богатство долго време е предмет на шпекулации. На неговата свадба во 2015 година, тој беше „фатен“ со часовник „Ричард Мил“ од 670.000 долари, а затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални откри истата година дека го поминал медениот месец крстарејќи околу Сардинија со јахтата „Малтешки Фалкон“, која чини 350.000 евра неделно.

„САД и владите ширум светот ќе работат заедно за да ја идентификуваат руската елита и да ги замрзнат нивните средства што се чуваат во тие земји – јахти, луксузни станови, пари и други профити“, се вели во соопштението на Белата куќа.

Работната група на Министерството за правда на САД ќе има соодветно име, „Клептокаптура“ (во слободен превод фаќање клептократи).

Додека државниот обвинител Мерик Гарланд е задолжен за „Клептокаптура“, запленувањето на луксузните средства на олигархот, министерката за трговија Џина Раимондо ја презеде одговорноста за контрола на критичниот извоз на технологија наметнат на Русија и Белорусија. Министерот за транспорт, Пит Бутиџиг, во меѓувреме, има надзор над Федералната управа за авијација, која спроведува забрана за руските летови во воздушниот простор на САД.

„Клептокаптура“ ќе го гони секој што ќе ги прекрши санкциите наметнати на Русија пред и по почетокот на нападот на Украина, но и идните. Ќе ја следи усогласеноста со мерките наметнати против руските монетарни институции, следејќи ја, на пример, употребата на криптовалути.

Тие ќе можат да го запленат имотот на поединци кои се цел на санкции доколку е стекнат на „незаконски начин“, додаваат од Министерството. Засега имотот на некои олигарси е замрзнат, што значи дека не можат да го продаваат или изнајмуваат, но сепак се негови сопственици.

Дека санкциите против олигарсите на Путин се многу ефективни, докажува и веста што во понеделникот ја објави „Блумберг“, дека до тој ден руските милијардери од листата на 500 најбогати луѓе во светот изгубиле 83 милијарди долари од почетокот на годинава. А таа загуба секако досега е зголемена и тешко дека ќе престане. (Индекс.хр)