Кои се деталите околу техничката влада?

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во наредниот период ќе одлучува дали ќе учествува во техничката влада, но, партиски извори велат дека Христијан Мицкоски со договорот за двојни парламентарни и претседателски избори на последната лидерска средба по автоматизам се согласил да учествува и во техничката влада.
Од друга страна, политичките партии работат на екипирање на техничката влада, изготвување изборни програми, предлагање кандидати за претседател и избор на нивните кадри за листите за пратеници за изборите на 24 април и 8 мај 2024 година.Техничката Влада се избира сто дена пред изборите. Според Законот за Владата најпрво оставка поднесува актуелниот премиер што треба да ја констатира Собранието, што наедно значи и распуштање на целиот владин кабинет. Претседателот на државата потоа му го доверува мандатот на кандидатот за преоден премиер за составување на кабинетот. Владата ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Во техничката влада министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика предлага опозициската партија со најголем број пратеници (ВМРО-ДПМНЕ). На предлог на премиерот Собранието именува дополнителни заменици на министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика од редовите на власта (СДСМ), но и од опозицијата и тоа во ресорите финансии, земјоделство и информатичко општество и администрација.Мандатот на техничката Влада трае од изборот, па, се до објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за изборите за пратеници.
Основна задача на техничката влада е организирање фер и демократски парламентарни избори.Техничкиот министер за внатрешни работи ќе може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања, на пониско или повисоко место на носители на раководна позиција во Министерството. Доколку постави нови раководители, тој има должност на предлог на дополнителниот заменик-министер да именува и нивни заменици. Тие двајца имаат врзани потписи. Доколку некој акт е потпишан само од едното лице, тој нема да биде важечки.
Министерот има право да ангажира лица за потребите на својот кабинет. Може да врши и хоризонтални распоредувања на вработените.
Ова ќе биде трета техничка влада во земјата. Првата беше предводена од Емил Димитриев и поради тоа што не можеше да се формира подолго време, тој ја предводеше техничката влада од 18 јануари 2016 до 1 јуни 2017 година. Втората техничка влада ја предводеше актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и тоа од 3 јануари 2020 до 30 август 2020 година.
Четирите тогашни најголеми партии на 2 јуни 2015 година постигнаа договор 100 дена пред наредните парламентарни избори со државата да раководи влада за спроведување избори. Пржинскиот договор беше потпишан од водачите на четирите најголеми политички партии во тоа време: Зоран Заев – СДСМ, Никола Груевски – ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети – ДУИ и Мендух Тачи – ДПА.
Националистичката реторика и говорот на омраза се засили на социјалните мрежи по номинацијата на Талат Џафери за премиер.
„Изборот на Талат Џафери за премиер е понижување и срам и дека предавниците и бандитите кои 30 години ја пљачкат и растураат Македонија и треба да платат политичка цена“, пишува на Фејсбук, Јанко Бачев од партијата Единствена Македонија. Партијата се залага за стратешко партнерство со Русија и е против зачленување на Македонија во НАТО и Европската Унија.
„Талат Џафери: 2001 – терорист, 2013 – министер за одбрана, 2017 – претседател на Собрание, 2024 – премиер, Сѐ што треба да знаете за државава!“
„Честитки за Командант Форина“
„Талат Џафери, да биде ПРЕМИЕР на Македонија, е нешто МНОГУ СЛИЧНО на тоа командант на ХАМАС во иднина да биде премиер на Израел“.
Ова се дел од коментарите кои одекнаа на социјалните мрежи по номинацијата на Џафери.Во овој дух е и изјавата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
– Деспотот од Форино е лик познат во јавноста од неговите кршења на закони и процедури, по снимките со неговите сочни пцости и испади, што никако не е материјал за премиер на држава како Македонија во криза, изјави меѓу другото Стоилковски.
Од ДУИ велат дека Албанците од националистички партии и струи на Македонците се користат како резервна тема за подобри изборни позиции.
– Албанците отсекогаш биле користени како резервна тема за создавање подобри изборни позиции за националистички партии. ВМРО-ДПМНЕ особено се истакнува со оваа тенденција, секогаш пред избори, создава етнички тензии, со тоа го прикрива немањето капацитет и да не дава решенија за крупните прашања. Во недостиг на идеи за уставни измени, македонската опозиција промовира резервни теми каде прстот е вперен кон Албанците. Тоа е тенденцијата да се создава страв кај луѓето мислејќи дека стравот потоа ќе се претвори во гласови, изјави потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи.
Но, додава тој, овој тренд ќе пропадне, бидејќи, како што нагласи, и Македонците и Албанците гледаат дека ДУИ е бранител на евроатлантскиот курс на државата, чуварот на финансискиот систем, бранителот на државата од можни економски кризи и застапеност во меѓународната политика.
За Алијанса на Албанците, предлогот Џафери да биде премиер на техничката влада е договор меѓу ДУИ и СДСМ, но ќе го поддржат.
– Мислам дека секоја албанска партија, па и сите, треба да покажеме широкоградост во овие моменти и да продолжиме понатаму да имаме успешни избори, вели претседателот на Алијанса на Албанците, Арбен Таравари.
За СДСМ, е прифатлив предлогот актуелниот претседател на Собранието да биде технички премиер во 100-те дена пред изборите што треба да се одржат напролет.
– Сметаме дека Талат Џафери е соодветно и добро решение, изјави пратеничката од СДСМ, Даниела Маркоска.