Кога Холандија ќе добие нова Влада: Вилдерс се уште далеку од договор


Еден месец по изненадувачки убедливата победа на неговата екстремно десничарска Партија на слободата (ПВВ) на парламентарните избори во Холандија, Герт Вилдерс се уште преговара зад затворени врати со потенцијалните партнери за формирање владина коалиција, но според партиски извори земјата засега е се уште далеку од тоа да добие нова Влада. 

На изборите на 22 ноември, ПВВ освои речиси една четвртина од гласовите и 37 места во 150-члениот Долен дом на холандскиот Парламент. Но, покрај ПВВ мандати во Парламентот освоија уште 15 други партии, што го усложнува процесот на формирање парламентарно мнозинство. 

Во најдобар случај, како што јави дописникот на МИА од Брисел, на Вилдерс ќе му биде потребен коалициски договор со најмалку две други партии – конзервативно-либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД) на премиерот во заминување Марк Руте, со која сега раководи Дилан Јешилѓоз-Зегериус и новоформираната конзервативна партија Нов социјален договор (НСЦ) на Питер Омцигт. 

Покрај со овие две партии, Вилдерс е во преговори и со десното популистичко Движење земјоделци-граѓани (БББ) на Каролине ван дер Плас, кое засега единствено изрази подготвеност за склучување официјален коалициски договор со ПВВ. 

null

Во изборната програма на Партија на слободата (ПВВ), беа наведени ветувања за референдум за Негзит, односно за истапување на Холандија од ЕУ, за одбивање на сите нови барања за азил во земјата и за забрани на џамиите, исламските верски училишта, Куранот и носењето муслимански шамии во јавните објекти, предлози кои некои политичари, меѓу кои и Омцигт, ги оценија како „антиуставни“. 

Сепак, по изборите Вилдерс изрази подготвеност за „ублажување“ на најтврдокорните заложби со цел ПВВ да стане дел од идната влада. Според него, ваквата „отстапка“ е последица на фактот што Холанѓаните имаат „поголеми проблеми од борбата против напливот на баратели на азил и имигранти“, како што се зголемените трошоци за живот, здравствената заштита и безбедноста.   

Иако Јешилѓоз-Зегериус, која има турско-курдско потекло и е родена во Анкара, во текот на изборната кампања не ја исклучи можноста за коалицирање со ПВВ, но под услов Вилдерс да не биде премиер, сепак по изборите изјави дека не би сакала Холандија да има лидер кој „нема да ги обединува сите Холанѓани“. ВВД, која освои 24 пратенички места на изборите, според последните најави не е подготвена да учествува во влада со партијата на Вилдерс, со сепак не ја исклучува можноста за даде парламентарна поддршка на таков кабинет. 

НСЦ, партија формирана во август година од одметникот од партијата Христијанско демократски повик (ЦДА), Питер Омцигт, во текот на кампањата ја исклучуваше можноста за коалицирање со Вилдерс, поради неговите „антиуставни планови“, но сепак во текот на изборната ноќ најави дека е отворена за коалициска соработка, бидејќи изборните резултати „ќе бараат од политичарите да ги погазат сопствените изјави“ и се согласи да се вклучи во преговорите со ПВВ за формирање нова влада. 

Досегашните искуства покажуваат дека преговорите за формирање влада во Холандија може да траат со месеци. Така, преговарачкиот процес за создавање на досегашната Влада траеше 299 дена или речиси 10 месеци, а таа опстои само година и половина до јули 2023 година, кога поднесе оставка, што резултираше со ноемвриските предвремени парламентарни избори. 

Најновите постизборни анкети во Холандија покажуваат дека ако се одржат нови избори партијата на Вилдерс би освоила над 30 отсто од гласовите и би го зголемила бројот на пратеници за околу 10, додека поддршката на ВВД на Јешилѓоз-Зегериус е речиси двојно намалена.

По изборите претседателката на холандскиот Претставнички дом, Вера Бергкамп го овласти поранешниот министер за внатрешни работи Роналд Пластерк да ги истражи можностите за формирање нова влада на земјата.   

По извештаите дека претставници на ЦИА разговарале за убиство на основачот на Викиликс, Џулјан Асанж, генералниот известувач на Парламентарното собрание за заштита на укажувачите, Питер Омциг

Кон средината на месецов за холандската државна телевизија НОС Пластерк изјави дека „помирувањето“ меѓу ПВВ и НСЦ нема да биде лесно, но нагласи дека е неопходно да се формира Влада, бидејќи „некој мора да ја води земјата“. 

По изборите, се споменуваше и можноста за формирање на владина коалиција на партиите од левиот и десниот центар, која би била предводена од „вицешампионот“ на изборите, левоцентристичкиот блок на Лабуристичката партија (ПВДА) и Зелената левица (ГЛ) на поранешниот еврокомесар Франс Тимерманс и во која би биле вклучени ВВД, НСЦ и социјал-либералната партија Демократи 66 (Д66), која би имала 78 пратеници. Сепак, по првичните консултации со партиските претставници, Пластерк ја исклучи можноста за ваква коалициска соработка, нагласувајќи дека единствена „остварлива варијанта за стабилна влада“ е коалиција на ПВВ, ВВД и НСЦ, плус зајакната со БББ, која има најголем број места во Сенатот. Ваквата коалиција би имала мнозинство од 88 места во Претставничкиот дом или 12 повеќе од неопходното мнозинство од 76 пратеници.  

Во пресрет на божиќните и новогодишните празници Пластерк за весникот „Телеграф“ изјави дека сега преговорите влегуваат во фаза на „целосен молк“ и веројатно нема да има никакви новости некаде до крајот на февруари.  

Тој нагласи дека во следниот период преговарачите ќе мора прво да се обидат да ги надминат разликите околу уставните прашања покренати во изборната програма на Вилдерс, а потоа да постигнат компромис за главните политички теми, вклучувајќи ги миграцијата, ЕУ и климатската политика.  

– Конечно, четирите партии ќе треба да ја дефинираат формата на новата влада: коалиција со стабилно мнозинство во Долниот дом или малцинска влада врз основа на договори за поддршка, како што претпочита Јешилѓоз, изјави Платерк, кој е член на Лабуристичката партија (ПВДА). 

Од друга страна, Омцигт, кој во кампањата најавуваше крупни демократски реформи во земјата и ветуваше дека „ќе води поинаква политика“ од онаа што ја практикуваат традиционалните холандски партии, предложи и третата можност – формирање технократска влада составена од непартиски експерти. 

Сепак, Вилдерс не се откажува од учество во власат и најави дека во преговорите ПВВ ќе пристапи на „одговорен и разумен“ начин со цел да се постигне договор за партиска владина коалиција.