Кочани нè стави во гранична ситуација. Што понатаму?
Не системот, туку упорните (и успешни) обиди да се надитри системот ни ги убија децата. Кога притисокот е неподнослив – во еден миг сè ќе пукне
1. Корупцијата ни ги уби децата
„Системот ни ги уби децата“. Навистина? Не, напротив – токму упорните (и успешни!) обиди да се надитри системот ни ги убија децата. Она што ни ги уби децата е „снаоѓаштвото“: корупцијата и замижувањето пред неа. Она што нè убива постојано е упорно негуваниот менталитет „снајди се (корумпирај, искористувај, уценувај, заплашувај…) па живеј“. Ете, токму тоа, „итроштината“ ги уби децата, итарпејовскиот менталитет. Системот ги убива децата тогаш кога со закони и со одредби ни ги ограничува правата и ни го загрозува здравјето. Системот нè убива кога донесува закон за увоз и горење ѓубре кај нас, па ние дишеме отров. Добро е да се разграничи на почеток: системот е државата и законите што таа ги носи. Од другата страна сме ние вработените во тој систем: судиите, инспекторите, надзорните органи, контролорите, ревизорите… Сите оние што ги надитруваат законите и носат штетни одлуки. Гледаме, тоа „надитрување“ и тоа молчење не можат да траат засекогаш, туку создаваат една тешка, крајно напната состојба, која има посебно име.
2. Досега бевме во „гранична состојба“
„Гранична состојба“, според Карл Јасперс, е состојбата кога еден систем се наоѓа на крајните граници на својата одржливост, кога „виси на конец“. Кај нас „снаоѓаштвото“, „итроштината“, „итарпејовштината“ се (беа?) издигнати до степен на закон. Силеџиството е (беше?) прифатливо како нешто сосема „нормално“. Корупцијата е (беше?) вообичаениот начин за да се заврши некоја работа. Неказнивоста е (беше?) нешто сосема очекувано. Но, знаете, колку што снаоѓаштвото, силеџиството, корупцијата и неказнивоста стануваат позасилени и почести, ние толку побрзо се доближуваме до крајните граници на таа „гранична состојба“. Преминувањето на крајната граница на таа состојбата нè внесува во ситуација која има посебно име.
3. Сега сме во „гранична ситуација“
Кога притисокот е неподнослив – во еден миг сè ќе пукне: ќе се случи нешто исклучително драматично, трауматично. Кај човек, на пример, може да се јави дијагноза. Во една заедница, може да се случи голема несреќа: каква што е трагедијата во Кочани, во којашто загинаа 59 млади луѓе во дискотека. Таквото драматично, трауматично искуство Карл Јасперс го нарекува „Гранична ситуација“. За ваквото „исклучително драматично, трауматично искуство“ во една ТВ-емисија, уште во 2019 год. зборуваше проф. Ферид Мухиќ.
4. Не е лесно да се пишува (кохерентно) за ова
Не е лесно да се пишува за невидената трагедија што ни се случи. Не е лесно ни да се зборува за тоа. Навистина, не е лесно ни да се размислува на тоа: толку многу луѓе се изгубени, толку досега невидена тага и болка нè преплавува. Сите сме шокирани и занемени. Сите сме огорчени и гневни. Затоа, сосема логично е тоа што во колумни на оваа тема читаме дека „ние луѓето сме контејнери од кожа“, дека оган ни ја гори земјата, дека е допрено дното… Затоа, кога несреќата е толку голема, смее ли да се каже дека можно е за нас поразените да „има и нешто добро“ во трагедиите од вакви досега невидени размери?
5. Враќање на самосвеста
Проф. Мухиќ потсетува дека оваа „гранична ситуација“, ваквото „исклучително драматично, трауматично искуство“, како што е „смртта на блискиот, целосна загуба на нешто, голема несреќа“ „може наеднаш да го смени светогледот“. Како што вели и проф. Мухиќ, може да „има и нешто добро во тоа: „наеднаш се враќа животната енергија, се враќа една самосвест“. Односно, ваквите големи несреќи се најефикасни за будење на заспаната свест и совест, затоа што овие големи несреќи водат до *премислување* во врска со важни работи. Кога веќе немаме што да загубиме, и кога станувам свесни дека можеме многу да изгубиме, ние носиме нови одлуки. Може, на пример, да почне да ни се гади од корупција: затоа што токму таа ни ги убила најблиските. Може да ни се гади од сопствената користољубивост и калкулантство: затоа што тоа ни ги убило наблиските. И сега ризикува да нè убие и нас. Најпосле, добро е тоа што може да почне да ни се гади и од сопствената замолкнатост. И така да почнеме да зборуваме, и гласно да бараме решенија. А тоа не е малку: затоа што таа светлина, тоа отворено зборување за проблемите, е почетокот на нивното решавање.
(Живко Грозданоски е писател, книжевен преведувач и претседател на Друштвото на писателите на Македонија)