Кочани е најтешкиот испит за Мицкоски, додека мајките одат со сликите на нивните загинати чеда
Премиерот Мицкоски денес гледа дека некои глодари и политички некрофили кои сакале да заработат поени на трагедијата на луѓето. А Кочани е речиси умрено, луѓето во црно молчат, изобличени од тага, од мисла која не води никаде
Молкот со кој кочанчани стоички го искажуваат гневот на маршевите по трагедијата во која загинаа 62 лица во пожарот во дискотеката „Пулс“ е единственото средство кое го одбраа за политички да се дистанцираат. Не прифаќаат да бидат премачкани со политички бои, затоа што пожарот ги снајде сите. Не бираше по никаква основа. Ги сплоти во смртта, ги обедини во маката на пациентите со изгореници или оштетувања од вдишување отровни гасови.
Убиство од корупција сакаат да го наречат пожарот што во март ја зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде бројни млади беа појдени на забава, на убава музика на групата ДНК. Загинаа или повредени се музичарите, кои до последно ги забавуваа младите од истокот. Ги задуши чад, ги изгоре оган, ги сотре непочитувањето на прописот, во една шупа, која никому не му текна да ја провери од безбедносен аспект: каде за една пијачка или некој динар под рака надлежните ја вртеле главата, а сите други мижеле.
Се растрчаа функционерите. Дел од нив успешно си ја завршија работата во првите часови по пожарот, а другиве мака мачат да покажат дека прават сѐ за настраданите и нивните семејства – ден (два месеца) потоа.
Пожарот остави повеќе од 200 повредени, кои секојдневно живеат со болката од сопствените рани, со тагата за изгубените другари, со мракот што надвисна над Кочани…
Премиерот Мицкоски денес гледа дека некои глодари и политички некрофили кои сакале да заработат поени на трагедијата на луѓето. Ги набедува и оние кои минатата сабота појдоа да ги поддржат кочанчани во молкот додека маршираат по кочанските улици, на дожд и на сонце, со лицата изобличени од тага, од мисла која не води никаде, туку во круг: од паркот до полицијата, од судот до обвинителството, од „Пулс“ до кафулињата на плоштадот, од дома на гробишта и следниот ден, одново. Ги прозива и политичките опоненти, кои поднесоа закон за Кочани, со кој, во најмала рака ќе се обезбедеше стабилна финансиска поддршка за сите семејства на настрадани од повеќе вакви трагедии настанати од корупција и заташкување. Непроверено дозволени, невидено потпишани. На хартија сѐ е во ред, на терен – гинат луѓе.
Колку грубо и навредливо звучи самата употреба на овој збор – глодари – во контекст на Кочани! Знае ли Мицкоски што се глодачи, макар биле и политички? Глодачи – најприспособен и најраспросранет род од класата цицачи. Имаат четири нозе, но се доста стабилни и на две. Храната им е мамка, а за да дојдат до неа излегуваат од канализацијата и влегуваат во нашите домови прегризувајќи дрвени врати или гипс-картон. Одговорни за пренесување разноразни болести…
Јасна е алегоријата, ама понекогаш кога ја користиш за други, треба да погледнеш и кон себе.
Една мајка на починато дете виде глодари во власта, виде некрофилија и секира во сопствениот грб. Прашува: зошто не ги удостоиле со средби кога доаѓале во Скопје, зошто дозволиле мајки, медицински сестри, наставнички, професорки, да се враќаат дома во ноќните часови, без одговор?
Средбите со премиерот се со одредени луѓе (кој одредува со кои?)… другите го чекаат во Кочани… а што ли ќе им каже?
Залекувањето на раните ќе трае со години, предупредуваат лекарите. Оваа болка не се лекува со еднократна финансиска помош. Се сети ли премиерот дека првичниот брз одговор на властите се должи на тие пред него? Договорот со Европската унија е потпишан од некои негови претходници, а тој токму затоа имаше можност да го искористи. Глодари ли беа и тие? Мршојадци ли беа?
Невкусно е премиере, вие како професор, да употребувате такви зборови, па било тоа и во функција на претстојните локални избори. Кочани треба да биде вашиот најтежок испит. Здравството веќе два месеца е на испит, а оставено е обезглавено. Како средбите со кочанчани што се најавуваат, а доцнат, така и назначувањето нов министер за здравство, доцни со секој час.
Слаба замена е претседателката, која пак потресена од првичните средби со семејствата на настраданите беше длабоко вознемирена. Состанокот со „Сапорт Кочани“ помина на линија тие повеќе да ја поучат професорката, отколку таа нив. Информации за тоа што се разговарало, традиционално штури, а ветувањата за реактивирање на факултетот во Кочани, оспособување на одморалиштето на Осогово и на трето место доопремување на болницата, не се во нејзина надлежност. Сепак, ќе се заложела.
Реактивирањето на модуларната болница во Кочани која е и опремена, повторно е идеја од ова здружение. Направија луѓето повеќе за помалку време. Се префрлаат пари од полесни повредени, кон оние потешките, се собираат донации, се набавуваат апарати преку општествено одговорни компании. Снимаат видеа – информираат, оти власта, доколку ги пласира тие информации неделно, ќе покаже дека тие успеси не се на навна сметка. Она што треба да е, како реновирањето и опремувањето на болницата Кочани, доекипирањето со медицински персонал, едвај е во фаза на идеја. Помошта од другите држави одамна е понудена: Турција нуди 15 пациенти од Кочани долгорочно да ги лекува, но тимови специјалисти од Скопје ќе почнат редовно да одат откако пациентите сами сведочеа дека една докторка е на располагање за нив 24 часа во денот.
Не нѐ свести ни залепениот кочанчанец на скопскиот плоштад. Се врза човекот за столб, оти од тага изгоре. Пет негови другари, соседи, сограѓани загинаа во пожарот во дискотеката, па прашува како да живее во Кочани кога и едно „добар ден“ во тој град веќе два месеца е голема лага. Кому да се каже? На мајките на возраст од четириесетина години што се превиткале како да имаат осумдесет… на татковците што им се раскинати градите и срцето на живо им е откорнато… на оние чија насмевка засекогаш е згасната.
Подадовме рака сите ние првите денови, го одврзаме и ќесето, па дониравме кој колку може, за сега да ги кршиме фотографиите на загинатите од Штип, на плоштадот во градот. Можеби и кучиња го направиле тоа, а во центарот на Штип ги има многу, но сликата е грда, незамислива.
Овие луѓе, што во црно молчат, што на градите сликите од децата ги носат, што на марш секоја сабота кругот го почнуваат, заслужуваат државата да застане зад нив. Да не ги дели и да не ги ваби. Знаеме дека избори се ближат, но тие и по изборите кругот ќе го вртат и глодари во властите ќе гледаат.