Коалиција за зелена иднина: Претепувањето на советникот во Виница е удар врз достоинството и изборното право на Ромите

Коалицијата за зелена иднина денеска во реакција до медиумите изрази длабока загриженост поради, како што се вели во соопштение до медиумите, бруталниот напад врз кандидат за советник во Општина Виница.
„Особено алармантно е што жртвата е припадник на ромската заедница, која системски се соочува со маргинализација и дискриминација. Во предизборен период, кога кампањите се во полн ек, ваквиот чин не е само кривично дело, туку и напад врз достоинството на Ромите и врз нивното уставно и законско право да учествуваат слободно и безбедно во локалните избори—како кандидати и како гласачи, се вели во соопштението од ДОМ.
Дополнително загрижува изборот на најголем дел од политичките партии да молчат и да се обидат да го дефокусираат вниманието на јавноста. Тој молк испраќа погрешна порака дека насилството може да се игнорира ако е „непријатно“ за партиската калкулација. Со тоа се нормализира стравот, се релативизира достоинството на жртвата и се поткопува довербата дека изборниот процес е еднакво достапен за сите, се вели во реакцијата.