Клуб на истражувачи на НБ: Како влијаат капиталните текови врз домашните инвестиции

Вчера се одржа 37. сесија на Клубот на истражувачите формиран од Народната банка. Заради условите поврзани со пандемијата на ковид-19, и оваа сесија се одржа видеоконференциски, со што се овозможи на неа да учествуваат поголем број учесници. 

„Народната банка има цврста определба, и во услови на „новата нормалност“, да продолжи со активностите во областа на истражувачката активност. За таа цел, продолжуваме без прекини со одржувањето на Клубот на истражувачите, што поради околностите е во виртуелен формат. Всушност, токму во вакви кризни околности, потребата од истрaжувачка и аналитичка активност е особено големa, бидејќи таа претставува една од клучните основи за носење одлуки од страна на носителите на политиките“ – истакна гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска, во своето поздравно обраќање.

 Воедно, таа накусо се осврна и на содржината и заклучоците од истражувачкиот труд „Влијанието на капиталните текови врз домашните инвестиции во избран примерок од земји во транзиција“, од авторките Весна Стојчевска и Тијана Анѓелковска, презентиран по поздравното обраќање на гувернерката.

Мотив за изработката на овој истражувачки труд, како што беше посочено на сесијата, е значењето на капиталните текови за нивото на капиталот во една економија и нивната улога во поттикнувањето на економскиот раст. Трудот на Стојчевска и Анѓелковска се фокусира на анализа на директното влијание на капиталните текови врз домашните инвестиции. Како што беше посочено во презентацијата на сесијата, за потребите на анализата е изградена база на панел-податоци од избрани 18 земји, сите од групата транзициски и посттранзициски економии. Податоците се однесуваат на периодот од 1991 до 2018 година, а со примена на економетриски методи е направена оцена на врските помеѓу одделните категории. 

„Генералниот заклучок од примерокот е дека капиталните текови имаат одредено позитивно влијание врз домашните инвестиции, при што се оценува дека финансиските заеми имаат најголем ефект врз домашните инвестиции.“ – посочи Весна Стојчевска, која во името на двете авторки го презентира трудот, образложувајќи ги заклучоците.

По презентацијата, меѓу учесниците се водеше и дискусија за влијанието на капиталните текови врз домашните инвестиции, поттикнато од заклучоците на Стојчевска и Анѓелковска.

Следната сесија на Клубот на истражувачите е во март следната година.