Климатските промени и владеењето на правото се приоритет во изборната програма на ДОМ
Заштитата на животната средина и на климата, човековите права, борбата против корупцијата и владеењето на правото, подобрување на образовниот и здравствениот систем, праведната транзиција од фосилни кон обновливи извори на енергија, се дел од приоритетните области коишто ги содржи предизборната програма 2024-2028 на Демократската обнова на Македонија (ДОМ), која денеска беше промовирана во Скопје.
Маја Морачанин, претседателка на ДОМ во изјава за МИА нагласи дека во предизборната програма опфатени се сите области и потекнуваат од комисиите и од членовите на партијата. Во нејзината изработка биле вклучени и граѓански здруженија и експерти од различни области, како и предлози од граѓани, а ја имале и поддршката од зелените сестрински партии од Данска, Шведска и од Холандија.
„Она што се наши приоритети е заштитата на животната средина и на климата, човековите права, борбата против корупција и владеење на правото. Во програмата нудиме и предлози како да се подобри и образовниот и здравствениот систем, како да ги направиме навистина нашите градови зелени и за младинските политики и што е најважно за младите да бидат активно вклучени во политика и тие да бидат носители на одлуките кои сакаат да се спроведат во државата за да ги мотивираме за да останат во земјава и да не заминуваат. Сето она за кое се залагаме влијае на одлуките на младите луѓе дали ќе останат или ќе ја напуштат државата. Не е само економскиот аспект, туку многу значајно ни е дали воздухот ни е загаден или не. Многу ни е значајно дали во државата владее правото и неселективна правда. Значајно ни е како се справуваме со корупцијата. Образовниот систем е приоритет за младите луѓе“, рече Морачанин.
Нивен приоритет е и праведната транзиција од фосилни кон обновливи извори на енергија.
Морачанин нагласи дека некои млади ја напуштаат државата заради подобро платени работни места, но, како што рече, други ја напуштаат заради тоа што едноставно не сакаат да живеат во држава каде има изразена корупција, каде не секој има подеднакви можности. Доколку навистина сакаме да ги задржиме младите во државата, како што потенцира Морачанин, мора сериозно да се работи на реформите во сите области од општествениот живот.